Бизнис
6. July 2020 - 16:53

Партиите препознаваат црна кампања само во противничкиот двор

Кампања под маски и дистанца, средби со најмногу 30-тина граѓани, без големи митинзи - се ова е ново во македонското предизборие. Но, она што корона пандемијата не успеа да го искорени од македонскиот политички декор е црната кампања. Дискредитација на опонентот, секојдевно објавување на аудио бомби за политичари, официјални партиски спотови со кои во најцрно светло се прикажува противникот, искинати билборди, исчкртани ликови..

Двата најголеми политички табори дури и во оценката за тоа дали е неопходна црна кампања и дали им носи гласови се обвинуваат меѓусебно кој тоа го прави или кој прв почнал.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ вели дека објавувањето на тоа што го правел опонентот е само прикажување на неговото вистинско криминално лице. За Јанушев, црната кампања што СДСМ ја прави за ВМРО-ДПМНЕ и особено за него е само поради безидејност.

Од друга страна, генералниот секретар на СДСМ утрово го дочека со билборди на кои е исчкратно неговото лице. Николовски смета дека тоа е грдото лице на политиката против кое тој се борел на чесен начин. И тој смета дека црната кампања е поради безидејност на опонентот.

Ова е грдото лице на македонската политика. Омраза, штета, насилство. Драги луѓе, ОВА е причината зошто јас влегов во политика! Ќе се борам до последно ама ваквата политика ќе ја искоренам. Да се натпреваруваме со знаење, да споредуваме концепти, да бидеме умни, убави, паметни момци и девојки кои во заедништво гледаат напред и се тркаат за гласови со квалитет! Не со уцени, закани, списоци и силеџиство! ... А мене срцето ми кажува дека кој и да го вандализирал моето име и лице на овој начин, не знаел за ништо подобро.

Од ДУИ негираат дека црната кампања е нивен стил.

Партиите ги трчаат последните денови од предизборието, па вжештување на кампањата во трката за глас повеќе допрва се очекува.