Македонија
27. May 2020 - 16:55

Партиите преговараат за датум за избори - одржувањето на нова лидерска средба е неизвесно

На три дена пред истекот на вонредната состојба се уште нема договор меѓу власта и опозицијата за нов датум за избори. Станува незивесно и дали воопшто ќе се организира нова лидерска средба имајќи предвид дека партиите договорите ги прават преку неформална комуникација. Преговорите се движат меѓу трите датуми 28 јуни и 5 и 12 јули, но најсериозен датум е 5 јули. Се размислува дури и за избори во работен ден за да се одбегне викенд во лето кога граѓаните често патуваат.

СДСМ официјално се уште бара брзи избори.

„Нашата татковина има потреба од избори во првиот можен термин за да го дочекаме септември подготвени. Со полн капацитет да го заштитиме здравјето на граѓаните и да ја рестартираме македонската економија. Новата нормалност значи организирање на изборен процес, кампања и гласање согласно здравствените протоколи пропишани од надлежните институции. 100% сигурни избори за граѓаните, за нивното здравје, за сите учесници во изборниот процес“, вели Заев.

Од СДСМ велат дека сепак, место за договор има. Коалициската ЛДП се изјасни дека тие се за избори 5 јули. Овој датум го фаворизираат и поголем дел од албанските партии, меѓу кои и ДУИ.

ОД ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека канал за комуникација има, но дека се уште договор нема.

„Компромис треба да се постигне за интересот на граѓаните и државата, но не по цена  на здравјето на граѓаните. Канал на комуникација постои. Јас не би сакал дополнително да коментирам во врска со каналот за комуникација кој постои бидејќи, како што реков, не сме сите исти и не се занимаваме сите во ваков тип брифинзи. Доколку има договор и кога ќе има договор ние ќе и го соопштиме на јавноста“, вели Мицкоски.

Според Мицкоски консензусот треба да биде постигнат со сите политички партии кои биле на лидерските средби и повтори дека доколку СДСМ е решен на брзи избори без договор тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на нив.

Датумот за избори може да влијае и на продолжување на вонредната состојба која завршува во сабота. Одлуката е на шефот на државата Пендаровски, се чека Владата да изготви анализа дали е потребно или не ново продолжување на вонредната состојба.

„Нам ни преостануваат уште 22 дена во рамки на Уставниот рок од 60 дена од распуштање на Парламентот до одржување на изборите, така што вонредната состојба го детерминира датумот на изборите. Вонредната состојба завршува во сабота, денеска сме среда, имаме уште денови за да донесеме одлука. А кога ќе ја донесеме ќе ве известиме благовремено“, вели Спасовски.

Спасовски вели дека уредбата е уставна и покрај тоа што опозцијата вели дека за нив е неприфатлива и за нејзе не гласал министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.