Македонија
1. February 2016 - 15:40

„Партиципација на учениците во воннаставни активности на училиштето-акциски истражувања“

„Партиципација на учениците во воннаставни активности на училиштето-акциски истражувања“ е насловена монографијата што денеска, беше промовирана во Куманово.

Монографијата опфаќа истражувања во повеќе области кои преку прашалници, интервјуа и анкети, ја изработија наставници од четири основни училишта од градот „Христијан Карпош“, „Браќа Миладиновци“, „Крсте Мисирков“ и „11 Октомври“.

Училиштата одделно истражуваа за интерперсоналните односи меѓу учениците во паралелка, за партиципацијата на учениците во воннаставни активности на училиштето, индивидуалниот и индивидуализираниот приод во дополнителна настава и за усогласувањето на начинот на оценување на учениците со очекуваните исходи од спортските знаења по предметот физичко и здравстевно образование во предметната настава.

Монографијата е издадена со поддршка на Фондацијата отворено општество во Македонија. Наставниците следеле и обука која ја спровеле професори од Педагошката Академија од Љубљана.

Еден од присутните професори на промоцијата, Јанез Крег изјави дека училиштата одбрале значајни теми и изрази надеж дека наставниците што ќе ја прочитаат монографијата ќе ја применат практично во наставата. Наставниците од Куманово сметаат дека подготовката на монографијата придонела за нивно професионално развивање.

- Нашето акциско истражување покажа дека е применливо. Наставниците не се само активни имплементатори на наставни планови и програми, туку можат со своите акциски истражувања, нови форми и методи да придонесат за ново поефикасно работење, изјави Лидија Костиќ, директорка на „Христијан Карпош“.

Наташа Анѓеловска, програмски координатор од Фондацијата отворено општество изјави дека изработката на монографијата се вклучиле и менаџерските и стручните тимови на училиштата.

- Резултатите покажаа дека кога ги вклучуваме учениците од моментот на идентификување на проблемот и нешто што нив им е потребно да се промени во наставата, тогаш има успех. Наставниците се клучни и во воншколските активности за децата, изјави Анѓеловска.

На промоцијата на монографијата присуствуваа голем број наставници од основните училишта од градот.