Балкан
29. August 2020 - 8:25

Парламентарни избори во Црна Гора: Пат кон крајот на ерата на Ѓукановиќ

Црна Гора се соочува со избори на 30 август 2020 година. Ова ќе бидат единаесетти парламентарни избори од воведувањето на повеќепартискиот систем и петти по објавувањето на независноста на Црна Гора. Избирачкиот список ги содржи имињата на 541.322 гласачи. Изборниот праг е 3 проценти. Истовремено со парламентарните избори, ќе се одржат и локални избори и во општините Котор, Будва, Андриевица и Гусине.

Можни победници и изборни прогнози

Граѓаните на Црна Гора ќе можат да избираат меѓу 12 изборни листи (шест коалиции и шест партии). Наследникот на Комунистичката партија, Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Мило Ѓукановиќ, се очекува да освои околу 35 отсто од гласовите, според анкетите на јавното мислење. Во Црна Гора, ДПС владееше 30 години и повторно ќе биде прва, а потоа следат Демократскиот фронт (25-26 проценти) и Демократска Црна Гора (ДЦГ) со повеќе од 15 проценти. Поделбата на поддршката за Ѓукановиќ, која во изминатите 10 години сврте од Русија кон Запад, може да биде клучна за неговата власт.

Објавените анкети на јавното мислење предвидуваат висока изборна активност на претстојните избори, која треба да надмине 70 проценти. Односот на силите меѓу владејачкиот блок на режимот и опозицијата во моментов е во полза на опозицијата. Иако ДПС има неограничени финансиски и други ресурси, таа може да победи само во случај на изборни манипулации и измама, предвидуваат аналитичарите.

Испитувањата покажуваат дека несогласувањата во постапките на СДП, СД и Либералната партија (ЛП), која е во коалиција со ДПС, би можеле да доведат до политичка „смрт“ на овие партии затоа што тие ја губат поддршката на гласачите и тешко дека ќе го преминат прагот на изборите.

Аналитичарите сметаат дека босанската и албанската партија ќе се соочат со тест дали имаат можност да направат демократски пресврт, да се ориентираат кон иднината и да стават крај на секоја понатамошна соработка со ДПС.

Прогнозите се дека на ДПС ќе и биде тешко да го обезбеди потребното мнозинство и ќе треба да ја надмине сегашната коалиција со социјалдемократите и бошњачката малцинска партија и да допре до опозицијата.

Исто така, неизвесно е и како ќе влијае очекуваната пониска активност поради пандемијата на коронавирусот.

Улогата на малцинствата и лажната меѓуетничка хармонија

Минатата година ја одбележа ескалација на несогласувањата меѓу етничките групи – Србите, кои сочинуваат повеќе од 30 проценти од населението, беа погодени од спорот околу Српската православна црква. Случаите на дискриминација зад привидна интеграција и етничката хармонија честопати се пријавуваа и меѓу малцинствата на Бошњаците и Албанците.

Режимот на Мило Ѓукановиќ често се фали со меѓуетничка хармонија. Ваквите тврдења на режимот, како и многу други, не ја одразуваат реалноста во оваа мултиетничка земја и се предмет на манипулации специјално разработени за меѓународната заедница, според Меѓународниот институт за истражување на проблемите на Блискиот Исток и на Балканот Ифимес.

Всушност, како жртви на режимот на Ѓукановиќ, плашејќи се од закани, Бошњаците беа принудени да гласаат за нивниот окупатор. Имено, има многу пишани докази кои докажуваат дека Ѓукановиќ учествувал во работата на Врховниот совет за одбрана на Сојузна Република Југославија и на тој начин бил поврзан со воените злосторства и геноцидот во Сребреница. Мило Ѓукановиќ беше еден од најблиските сојузници на Слободан Милошевиќ и остана единствениот висок воен службеник кој сè уште не бил под истрага. Аналитичарите сметаат дека Мило Ѓукановиќ наскоро може да се појави во Хаг како сведок на одбраната во судењето на сегашниот косовски претседател Хашим Тачи.

Српските медиуми коментираат дека големо изненадување пристигнало од Албанија. Претседателот Еди Рама го поддржа својот црногорски колега Ѓукановиќ во видео порака. Тој го пофали сето она што Ѓукановиќ „го стори за Црна Гора и регионот, особено за Албанците во таа земја и за Косово“.

Ѓукановиќ беше поддржан и од лидерот на Социјалдемократите на Војводина, Ненад Чанак, кој рече дека на изборите во Црна Гора ќе се брани европската идеја на Балканот и оти „просрпската и проруската опозиција подготвуваат инциденти“ во земјата за време на изборите.

– Црна Гора мора да остане светилник на прозападната и проевропска мисла, рече Чанак. „Ваквата Црна Гора не им одговара на интересите на Кремљ“, ја цитира неговата изјава српски „Курир“.

Чанак рече дека протестните маршеви, организирани од Српската православна црква (СПЦ) под изговор дека е незадоволна од Законот за вероисповед, се всушност политички митинзи.

– Она на што се работи интензивно е уништувањето не само на Црна Гора како држава, туку и на нејзиното право на чувство на припадност, вклучително и етничка припадност кон црногорскиот народ, рече тој.

Ѓукановиќ исто изјави дека во Белград е формирана опозициска антицрногорска коалиција и јасно е дека таа не и сака добро на земјата. Од високо место во Белград им се даваат инструкции на оние Црногорци на кои може да се влијае, да дојдат во Црна Гора и да лобираат за исчезнувањето на државата кај своите лидери, роднини и пријатели, рече тој.

Нивниот вистински предлог, според него, е Црна Гора да се откаже од себе си и од својата европска иднина и да застане под чадорот на Белград и Москва.

Од своја страна, директорот на Црногорската полициска администрација, Веселин Вељовиќ, рече дека има оперативни информации дека „поединци и групи планираат да предизвикаат инциденти и немири на парламентарните избори в недела“.

Милан Кнежевиќ, лидер на Демократската народна партија, одговори:

„Коалицијата во која учествува Демократскиот фронт не планира насилно да ја преземе владата на 30 август, ниту да го уништи уставниот поредок, туку да ги добие изборите со пенкало“, рече Кнежевиќ.

Аномалии со пребројувањето и „мртви души“ на избирачките списоци

Според аналитичарите, на избирачкиот список има илјадници „мртви души“, „фантомски“ гласачи и регистрирани двапати, а илјадници ќе имаат проблеми со гласањето поради незаконски решенија со кои се префрлени во секции далеку од нивните. Исто така, утврдено е дека во општините близу границата, голем број лица кои немаат право да престојуваат во Црна Гора требало веќе да бидат отстранети од избирачкиот список, но сепак се регистрирани како гласачи. Поради сегашната верзија на законот, Демократската партија на социјалистите е единствената што има целосна контрола врз списоците.

Аналитичарите предупредуваат на аномалијата дека земја со население од околу 622.000 жители има не помалку од 541.222 запишани гласачи. Населението на возраст од 0 до 18 години е околу 140 000. Последователно, со оглед на тоа што бројот на полнолетни гласачи е 541.232, ако на нивниот број се додадат и граѓаните на возраст од 0 до 18 години, тогаш излегува дека населението во Црна Гора е речиси 700.000.

Патот кон промена

Аналитичарите сметаат дека е важно на претстојните избори црногорските граѓани да се обединат во своите разлики, да се спротивстават демократски, без страв од строгиот режим предводен од Мило Ѓукановиќ и со пенкало во рака да го урнат за да може Црна Гора конечно да престане да биде држава во која нема промена на власта веќе 31 година.

Црна Гора е полноправна членка на НАТО, што значи дека мора да ги примени највисоките демократски стандарди, како и да ги негува и промовира. Сепак, за жал, Црна Гора е светлосни години далеку од нив, тврди институтот.

По интеграцијата на Црна Гора во НАТО, нејзиниот имиџ во регионот се повеќе се влошува. Очигледно е дека режимот на Ѓукановиќ не се справува со проблемите во реалниот живот на граѓаните или со катастрофалната економска состојба, која делумно е резултат и од пандемијата на Ковид-19.

Економската состојба во Црна Гора, која е ранлива поради зависноста од туризам, не ветува – невработеноста се зголемува и во јули достигна 18,1 проценти.

Според Централната банка, на крајот на јули 2020 година, во Црна Гора биле блокирани 18.540 компании и претприемачи. Приходите од туристичката сезона ќе изнесуваат само 10 проценти од ланската сезона. Соодносот на активно-неактивно население е неповолен и речиси изедначен, особено по пандемијата.

Стејт департментот на САД, Европската унија, Германија, Советот на Европа, странските амбасади акредитирани во Црна, „Freedom House“, „Transparency International“, информативните агенции и други, го критикуваат режимот на Мило Ѓукановиќ. Најчесто поради корупција и ангажирање на владини службеници во коруптивни практики. Според извештаите, политизирањето на државниот систем создава плодна почва за корупција и истакнато политичко мешање на Ѓукановиќ во медиумската слобода. Во извештај на Стејт департментот на САД се вели дека неистражените физички напади врз новинари, политичкото мешање во јавниот оператор, кампањите за замачкување на провладините таблоиди и неправедниот третман и економскиот притисок од владините министерства и агенции врз независни и проопозициски медиуми остануваат сериозен проблем.

Ѓукановиќ ја шири тезата дека ако опозицијата, т.е. просрпските партии, дојдат на власт, Црна Гора ќе се повлече од НАТО, што е главна тема на неговата изборна кампања, популаризирана и од неговата „Секуритате“ – тајна политичка полиција.

Тезата за повлекување на Црна Гора од НАТО доколку Ѓукановиќ и неговата ДПС ги загубат изборите е формално и политички нестабилна теза, особено во современите политички и геополитички односи. Уставот на Црна Гора е кристално јасен, како и меѓународните обврски што произлегуваат од членството во НАТО.

Информацијата, дека Ѓукановиќ веќе зборува за продажба на својот имот и делови на имот со странци, покажува дека тој се обидува да го спаси незаконски стекнатиот имот. Сепак, важно е да се има предвид дека договорите за продажба и/или префрлување на такви незаконски стекнати имоти и акции од сопственост може да бидат прогласени за ништовни, откако ќе се случат промените во власта и демократизацијата на Црна Гора. Ниту, пак, треба да се исклучи можноста Мило Ѓукановиќ да побара политички азил за да избегне гонење, а две држави веќе се одредени како можни опции.

Аналитичарите сметаат дека е важно да се обезбеди мирна транзиција на власта во Црна Гора без да се загрози мирот и стабилноста. Падот на најстариот режим во Европа, кој е на власт веќе 31 година, влева надеж дека е можен просперитет на регионот на Западен Балкан, што досега не беше случај. Затоа е важно политичките партии и коалиции кои сметаат дека се демократски и не се поврзани со режимот, да се обврзат пред изборите дека нема да влезат во никаква коалиција или договор со Демократската партија на социјалистите (ДПС). Во овој поглед е охрабрувачки што луѓе од опкружувањето на Ѓукановиќ веќе воспоставиле соработка со странски фактори, што дава надеж дека преминот на владата во Црна Гора ќе биде мирно и без насилство.

Крајот на ерата на Мило Ѓукановиќ е неизбежен и ќе им донесе слобода и просперитет на граѓаните на Црна Гора, на регионот, како и на меѓународната јавност, заклучува „Ифимес“, затоа што „обемот на меѓународниот криминал на режимот Ѓукановиќ е таков што значително им штети и на буџетите на многу земји“.