Балкан
2. December 2021 - 10:21

Папата Франциск ја започнува посетата на Кипар

Папата Франциск, попладнево пристигнува во Никозија со што започнува и неговата посета на Кипар, а во продолжение и на Грција каде што ќе оствари низа средби, меѓу кои и со кипарскиот и грчкиот државен врв, јави дописничката на МИА од Атина.

По поканата упатена од претседателот Никос Анастасиадис и кипарскиот архиепископ Хрисостомос Втори, папата до сабота наутро ќе биде на Кипар а посетата, од Владата ја карактеризираат како „историски настан“.

Портпаролот на кипарската Влада Мариос Пелеканос, говорејќи за посетата и агендата разговори рече дека Анастасиадис ќе го информира папата за последните случувања во кипарското прашање, ќе дискутираат за регионалните теми, за пандемијата, но и за мигрантското прашање.

Според Пелеканос, ќе се разговара и за намерата на Светата столица и папата Франциск да преземат мигранти во Ватикан, што ќе биде чин што ја докажува солидарноста на Римокатоличката црква.

За време на посетата папата ќе оствари средби со кипарскиот претседател, со архиепископот и светиот синод на кипарската православна црква, со официјални лица, претставници на граѓанското општество, дипломатскиот кор.

За утре наутро е закажана свечена, отворена литургија на стадион, додека пак во попладневните часови ќе се одржи молитва со мигранти.

Кипарската новинска агенција пишува дека за безбедноста на папата ќе бидат ангажирани над 500 полицајци.

Ова е втора посета на Кипар на поглавар на Римокатоличката црква, по посетата на папата Бенедикт Шеснаесетти во 2010 година.

Во сабота папата од Кипар ќе пристигне во Грција, каде што ќе остане до понеделник наутро.

Во видео пораката, во пресрет на патувањето на Кипар и во Грција, поглаварот на Римокатоличката црква, се осврнува на Медитеранот, „на морето кое стана место на ширење на Евангелието и развој на големи цивилизации“, морето што поврзува толку многу земји, „нè поттикнува да пловиме заедно и да не се разделуваме по различни патишта, особено во време кога борбата против пандемијата сè уште бара заедничка посветеност, а климатската криза што се наѕира е голема“.

-Морето, кое обединува многу народи, со своите отворени пристаништа нè потсетува дека изворите на соживот се во заемното прифаќање. Уште од сега се чувствувам добредојдено од вашата љубов и им благодарам на оние кои ја подготвија мојата посета. Но, мислам и на оние кои во последниве години, па и денес, бегаат од војната и сиромаштијата, пристигнувајќи на бреговите на континентот или на друго место и не наоѓаат гостопримство, туку непријателство, дури и експлоатација. Тие се наши браќа и сестри. Колкумина ги загубија животите во морето! Денес нашето море, Медитеранот, е голема гробница. Како аџија на непресушните извори на човештвото, повторно ќе одам на Лезбос, верувајќи дека корените на заедничкиот живот повторно ќе процветаат само во братството и интеграцијата: заедно. Не постои друг начин и со оваа надеж доаѓам кај вас, порача Папата.

За време на посетата на Грција, папата ќе одвои неколку часови за во недела од Атина да отпатува на островот Лезбос и да ги посети бегалците сместени во прифатниот центар во Митилини.

Сè уште нема информации дали, исто како и за време на неговото патување на островот во 2016 година, ќе земе во Ватикан бегалци, баратели на азил.

Папата Франциск во Грција ќе се сретне со претседателката, со премиерот, со поглаварот на ГПЦ, ќе разговара со млади, а за време на престојот во Атина, ќе одржи и света миса во концертната сала.

Ова е 35-то патување, на папата Франциск во странство од неговиот избор во 2013 година.