Свет
19. February 2016 - 8:35

Папата Францис го обвини Доналд Трамп дека „не е христијанин“

Поглавараот на католичката црква, папата Францис, го обвини Доналд Трамп, водечки претендент кај републиканците за номинација за претседателските избори во САД, дека „не е христијанин“, јави Си-Ен-Ен.

Изјавата на папата е реакција на повеќепати изразеното ветување на Трамп дека доколку стане претседател на САД, ќе изгради ѕид по должината на американско-мексиканската граница.

- Некој кој постојано мисли да гради ѕидови, наместо да гради мостови, не е христијанин, рече папата Франциско, на крајот од неговата шестдневна посета на Мексико.

Милијардерот од Њујорк кој сега е политичар, има изјавено дека подржува депортација на околу 11 милиони мигранти без документи, а го обвинува Мексико дека во САД испраќа криминалци и силувачи.

Папата во Мексико не зборуваше за тоа дали Американците треба да гласаат за Трамп, или да се определуваат против него, освен што забележа дека „човек кој зборува работи, како овие“ не може да биде христијанин.