Македонија
22. October 2017 - 21:06

Папандреу: Целта на Грција не е да се потцени вашиот идентитет и култура

Целта на Атина не е да се потцени вашиот идентитет и култура, туку да се најде решение за име кое би било различно од референцата Македонија. Компромисното име треба да биде нешто што ќе ни дозволи да живееме заедно, изјави поранешниот грчки премиер и министер за надворешни работи Јоргос Папандреу во интервју за емисијата „Фактор магазин“ на ТВ „24 вести“.

Прашан што за него претставува прифатлив комромис за името, Папандреу вели дека не сака да навлегува во детали од преговоирте, но додека бил премиер и министер за надворешни работи, а и кога бил во опозиција, укажувал дека мора да се најде компромис.

- Тоа значи име кое би било различно од референцата Македонија. Може да се додаде  Горна... Но, мораме да смислиме нешто. Мора да сфатиме дека целта не е да се потцени вашиот идентитет, вашата култура туку тоа треба да биде нешто што ќе ни дозволи да живееме заедно  и ќе го ставиме минатото зад нас, истакнува Папандреу.

За тоа дали постои можност Македонија да влезе во НАТО под референцата ПЈРМ, Папандреу смета дека задржувањето на привеременото име само ќе го продолжува проблемот.

- Се надевам дека постои добро расположение кај грчката страна. Не сум дел од грчката влада и не зборувам во име на владата,  но верувам дека Владата е расположена и подготвена да се најде решение. Колку подолго избегнуваме да најдеме решение, толку тоа ќе биде потешко. Мислам дека сегашната влада не е расположена да прифати да влезете во НАТО со ПЈРМ како привремено име, изјави Папандреу.

Потсетува дека привременото име требало да постои само кус период и оти спорот требало да се реши што побрзо.

- Вие не го сакате тоа име, ние не велиме дека го сакаме тоа име. Зошто да не најдеме нешто кое ќе биде прифатливо за обете страни? Мислам дека тоа ќе се користи во меѓународните односи.  Тоа нема да го промени вашиот идентитет. Тоа ќе се користи само во меѓународните односи.  Мислам дека е важно да го решиме тоа пред да мислиме на влез во НАТО и во ЕУ, вели поранешниот грчки премиер и министер за надворешни работи Јоргос Папандреу.