Македонија
25. November 2015 - 12:36

Панел дискусија за жените, мирот и безбедноста

Политиката за родова рамноправст и зајакнување на улогата на жените преставува едно од фундаменталните начела на демократијата и целокупниот општествен поредок, беше истакнато денеска на панел дискусијата во Домот на АРМ на тема „Жените, мирот и безбедноста“, посветена на 15-годишнината од усвојувањето на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност при Обединетите нации.

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова на отворањето на конференцијата нагласи дека улогата на жените во сите сфери на оштеството е значајна и важна.

- Сведоци сме на повеќедецениска заложба на жените за родова рамноправност персонифицирана низ сите облици на општествено живеење вклучително и безбедносниот сектор. Нивната активна улога во креирањето на безбедносно одбранбената политика е многу важен аспект. Жените како и мажите рамноправно се застапени во сите видови на вооружените сили, мировни сили, процесот на обука, лидерско командните позиции... Македонија како активна членка на ОН и како кандидат за  членство во НАТО и ЕУ ги имплементира насоките на конвенцијата за елиминација на сите облици на дискриманција на жените и Резолуцијата 1325 преку донесениот Закон за еднакви можности на жените и мажите во јануари 2012 година, истакна Чуповска Ристова.

Потсети дека Македонија како активна членка на ОН изготви и усвои национален акционен план за Резолуцијата 1325 со цел да ги унапреди положбата и улогата на жените и нивното учество на безбедносната политика и нивните процеси на меѓународно и локално ниво. Информира дека 35,4 проценти од вкупниот број на персонал во Министерството за одбрана се жени, според родовата застапеност на меѓународно ниво 129 припаднички на понежниот пол учествувале во мировните операции, а во АРМ има 128 професионални војници жени, 184 подофицери и 99 офицери како и дека 53,6 отсто од цивилните лица  се жени.

Амбасадорот на Шведска во Македонија Метц Стафансон истакна дека Резолуцијата 1325 се однесува на суштинската клучна улога на жените која што треба да ја имаат во справувањето со конфликтите и одржувањето на мирот.

- Резолуцијата 1325 фундаментално го смени начинот на кој што меѓународната заедница размислува за мирот и безбедноста, потенцира Стафансон.

Оливера Трајкова од Министерството за одбрана информира  дека Министерството презема повеќе активности за спроведување на Резолуцијата меѓу кои е и формирањето на тим за родови инструктори за реализација на родовата обука на припадниците на АРМ.

Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност ги поврзува искуствата на жените од конфликти со одржувањето на меѓународниот мир и безбедност. Го потврдува лидерството на жените и нивната улога во разрешување на конфликти, мировни разговори и обновување, повикува на зголемување на способноста за одговор од родов аспект во текот на мировните мисии и родова обука за сите кои се вклучени во одржување на мирот и безбедноста.