Македонија
15. October 2016 - 19:11

Панел дискусија на ВМРО-ДПМНЕ на тема „Држава“

Со европската комисија го делиме заедничкиот став дека Република Македонија е на добар пат да организира фер и демократски избори на 11 декември и сите прашања кои се користеа како изговори за одложување на изборите се елиминирани, истакна вицепремиерот и министер за надворешни работи Никола Попоски на денешната панел дебата организирана од ВМРО-ДПМНЕ, коментирајќи ја посетата на еврокомесарот Јоханес Хан во Македонија.

- На Република Македонија во овој момент и е особено важно излегувањето од таа политичка криза. Решавањето на таа криза ќе го зголеми притисокот за отворање на една врата за остварување на нешто што подолг временски период треба да се случи, а тоа е пристапните преговори за членство во ЕУ. Седум пати имавме позитивна препорака, а имаме и многу аргументи да веруваме дека Комисијата ќе има позитивна препорака за отпочнување на преговорите. Доколку изборите бидат спроведени на успешен начин би било многу полезно за Македонија, рече Попоски.

Македонија ќе биде дел од ЕУ, прашање е само на време, посочи тој и додаде дека многу од условите веќе се исполнети, а нагласи и дека денеска имаме сосема ново опкружување.

- Македонските граѓани денеска слободно можат да патуваат во Европа, Македонија има за 14 проценти помала стапка на невработеност, има стотина странски инвестиции, има исполнети голем број критериуми, дури и за најчувствителните теми како на пример медиумите. Успеавме во последниот период да ја тргнеме етикетата што некои соседи се обидуваа да ја наметнат дека Македонија не е добар сосед. Денеска никој повеќе тоа не може да го тврди, рече Попоски.

На панелот „Држава“ низ призмата на надворешните работи, внатрешните работи, одбраната, правдата, европските прашања и политичкиот систем се обрати и министерот за одбрана Зоран Јолевски кој се осврна на учествотто на АРМ во Мисијата ИСАФ во Авганистан, на формираната Школа за пилоти која рече има меѓународен углед, на Воената академија. Го издвои значењето на проектот „АРМ мој дом“, со кој по многу поволни услови се оовозможува на припадниците на Армијата да го решат станбеното прашање. Меѓу другото посочи и дека еден од најдобрите примери како оваа Влада се однесува кон АРМ е статусот на професионалните војници.

- Претходно тие со 35 годишна возраст ја напуштаа Армијата и фактички беа невработени. Во меѓувреме, се направија неколку проекти кои значајно го подобрија статусот на професионалните војници. Прво, нивниот ангажман беше продолжен до 38 години и после до 45 годишна возраст, меѓутоа што е најзначајно, откако ќе помине нивниот ангажман во АРМ, ние како држава, како влада им гарантираме вработување во другите државни институции. Со ова значајно се подобри статусот на професионалните војници во АРМ, рече Јолевски.

Митко Чавков дополнителниот заменик министер во МВР истакна дека од 2006. кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт до денес се спроведоа многу суштински реформи кои до тогаш не постоеле, се донесоа многу законски решенија, набавени се и над 700 нови возила.

- Направивме значителни суштински реформи кои значат промена на филозофијата на размислување во МВР што јасно го дефинираше носењето на одлуки на политичко и стратешко ниво.  Овие реформи што почнавме да ги правиме за разбивање на различен вид криминал почнаа да функционираат и да даваат резултати од 2007-ма, па се до денес. Расте и бројот на нови откривања на криминалот во Македонија,  голем број резултати кои беа видливи како што се извештаите на Стејт Департментот за борба против трговија со луѓе и извештаите на Транспаренси интернешнл за корупција во државата вродија со плод. Со овие реформи ние успеаме од 123-то место да се симнеме некаде до 64-то место за борбата против корупција во нашата држава, изјави Чавков.

На форумот говореше и потпретседателот на Парламентот Антонио Милошоски, кој рече дека од 2006 година до денес во Собранието на Р.М. донесени се стотици закони кои значат прилагодување на македонскиот законодавен систем со европските норми. Тоа значи дека земјата, додаде, без разлика на политичката и економската ситуација во која што се наоѓа секогаш дава и политички и институционален приоритет на тоа што значи цел за зачленување во ЕУ и тоа е првиот степен во кој Македонија инвестира за евроинтеграција.

- Од 2006 година до денес се преведени 7.000 европски директиви или вкупно 80.000 страници на европското законодавство кое што ќе биде актуелно, применливо и употребливо и на македонски јазик, рече Милошоски.

Третото ниво во кое се инвестира во однос на интеграциите во ЕУ е, посочи, комуникацијата на македонското Собрание со Европскиот парламент.

- Во следниот период доколку имаме избори во кои сите политички актери ќе се одонесуваат коректно, не очекува една сериозна реформска агенда и ќе можеме да се бориме за она што следува во нашата интеграција, а тоа е да ги отпочнеме преговорите за членство во ЕУ. Овие две години откако опозицијата ја зададе политичката криза оставија дамка на портфолието на Македонија во очите на Брисел, но се надеваме дека и во рамките на опозицијата ќе превладее чувството за државните интереси, рече Милошоски.

Заменик министерот за правда Билјана Бришковска Бошковски се осврна на реформите во правосудството и истакна дека Министерството за правда, односно Владата како главен приоритет ги имаше овие реформи, а активностите беа насочени, рече, кон подобрување на нормативната рамка која што ја покрива оваа област, како и во делот на создавањето на просторните услови за нормално функционирање на правосудните институции.

- Најуспешна приказна во рамките на реформите на правосудниот систем би ја споменала Академијата за судии и јавни обвинители, таквата потврда во делот на работењето на Академијата ја има и од страна на извештаите на Европската комисија. Досега откако е воспоставена Академијата, почетна обука завршиле и се именувани за судии и јавни обвинители, 45 судии и 48 јавни обвинители, рече Бришкоска- Бошковски.