Македонија
5. January 2019 - 13:46

Пакети со храна добија ранливи категории граѓани од Куманово

Хуманираното здружение „Крепост“ со поддршка на митрополитот кумановско осоговски. г. Јосиф во пресрет на празникот, и годинава ја спроведе традиционалната помош за ранливите категории граѓани насловена „Бадникова вечера“.

Собрана е донација, храна за 40-тина социјални ранливи категории семејства, кои во изминатата година доживеале семејни трагедии, ги изгубиле домовите од пожари или од други непогоди, семејства во кои има работно неспособни членови, болни и немоќни.

– Бадниковата вечера се организира со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј, за што сме му неизмерно благодарни  како организација, изјави Христијан Георгиевски од „Крепост“.

Здружението во соработка со правни лица, Црвениот Крст по Нова Година организираше хуманитарен концерт и аукција на уметнички слики и фотографии, продажба на книги, при што беа собрани средства наменети за изградба на сензорна соба за учениците со пречки во развојот од „Браќа Миладиновци“ Куманово. Изминатата година „Крепост“ организираше бројни хуманитарни акции.

Во Здружението,членуваат околу 120-тина граѓани на Куманово,од различни категории, физички и правни лица, студенти, академски граѓани, средношколци, инспектори, адвокати, судии, полициски службеници, занатечии и домаќинки кои заеднички со сопствена иницијатива помагаат на сограѓаните на кои помошта им е најпотребна.