Македонија
19. May 2021 - 19:50

Отворени две нови истраги против Драги Рашковски

Му исплаќал хонорари на сопственикот а потоа дел од парите барал да му бидат вратени назад. Обвинителството на Рускоска во нова истрага ќе собира докази против Рашковски и за набавката на софтверот за тестирање во државните институции.

Истражувајќи ги документите за набавката на софтверот за МВР, истражителите откриле наводи дека Рашковски и уште две лица сториле уште две кривични дела.
„Првоосомничениот се товари дека во периодот од 2017-2019 година при спроведување на постапка за јавна набавка потпомогнат од останатите двајца осомничени ја злоупотребил службената положба и овластување. Исто така, првоосомничениот со умисла помогнат од второосомничениот во периодот од 2019 – 2021 година за себе прибавил противправна имотна корист во поголем износ со што двајцата сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување“ – стои во соопштението на обвинителството.

Имено Рашковски се сомничи дека на незаконски начин и овозможил на фирмата Инвока да учествува и да го земе тендерот за тестирање во 13 државни институции со што ја злоупотребил службената положба. Покрај ова дело, Обвинителството смета дека ќе обезбеди докази и дека Рашковски преку авторски договори му исплаќал пари на газдата на Инвока, кој потоа му ги враќал назад. Имено, според до сега обезбедените докази, обвинителството тврди дека Рашковски од сметката на Владата на второсомничениот скоро две години секој месец му префрлал по 80.000 денари. Од овие пари, второсомничениот за себе задржувал 50.000 денари, а 30.000 му ги враќал на Рашковски. На овој начин Рашковски според наводите на обвинителството Рашковски инкасирал скоро 10.000 евра.

Се уште нема информации дали освен финансиските злоупотреби Обвинителството нашло информации и за евентуални злоупотреби на софтверот за тестовите од чии резултати зависи станувањето судија, извршител, нотар и уште многу други функции.

Рашковски веќе е во притвор за набавката на софтверот во МВР кој не се користи.