Македонија
9. September 2018 - 14:11

Отворена првата делница од бул.„Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Бутел

Официјално беше отворен првиот дел од новоизградената траса од булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Бутел, на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до крстосницата со улицата „Натанаил Кучевишки“ во должина од 1000 метри.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов присуствуваше на отворањето и направи увид во ситуацијата на терен во пресрет на почетокот на изградбата на втората делница.

- Во моментов единствената сообраќајна опција за поврзување со централниот дел од Скопје на неколку десетици илјади жители од Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен, Чучер-Сандево е улицата „Бутелска“, која нема капацитет да го собере целиот сообраќај и на истата се создава голем сообраќаен метеж. Со новиот булевар скопјани добиваат ново модерно сообраќајно решение, со шест сообраќајни ленти, велосипедски и пешачки патеки и средишно зеленило, рече Шилегов.

Тој ја најави и втората фаза од проектот за изградба на булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“, која ќе се одвива во наредните 18 месеци, од улицата „Натаниел Кучевишки“ до Обиколница, за што Градот Скопје издвоил 125 милиони денари, а градежните работи повторно ќе ги изведува компанијата Пелагонија-Гостивар,

Градоначалникот Шилегов најави дел од проекти кои Градот Скопје ги започна и ќе ги започне во наредниот период, во насока обезбедување на побрз, побезбеден и поефикасен сообраќај во нашиот град.

- Град Скопје започна со реконструкција на повеќе булевари и улици кои се во наша надлежност. Веќе е започната реконструкцијата на улицата „Ацо Шопов“ во Карпош, а во наредниот период ќе започне и реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“ од мостот „Обединети нации“ до кружниот тек кај Порта Влае, улиците „Брадфордска“ и „Лондонска“ во Карпош, улицата „Антон Попов“ во Кисела Вода, како и изградба на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, додаде Шилегов.