Македонија
1. October 2018 - 13:25

Отворен туристички инфоцентар „Пониква“ на Осоговските Планини

Со финансиска поддршка од Програмата за зачувување на природата во Македонија, што се реализира во соработка со Швајцарскиот секретаријат за економски работи - СЕКО, на Осоговските Планини е отворен нов туристички информативен центар.

На  промоцијата на инфоцентарот „Пониква“, на која присуствуваа заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефане Томажиан, амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар и министерите за локална самоуправа и за земјоделство, Сухејл Фазлиу и Љупчо Николовски, беше истакнато значењето на проектот за регионот.

пониква адеми

- Инфоцентарот ќе придонесе кон промоција на природното богатство од регионот и начините на неговото одржливо управување и користење, ќе даде значителен придонес и кон подигање на свеста за зачувување на природата и за збогатување на туристичката понуда на Источниот плански регион. Со неговото интегрирање кон веќе познатите туристички атракции на Осогово, тој ќе придонесе и кон поддршка на локалниот економски развој, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев. 

Во промоцијата на туристичкиот информативен центар се вклучија и членовите од извидничкиот одред „Ластовица“ од Кочани кои демонстрираа дел од своите вештини. 

Инфоцентарот „Пониква“ е изграден со реконструкција на стар воен објект, кој еден период функционирал како воена болница. Во првата фаза зградата беше комплетно обновена и внатрешно уредена, а со втората фаза се изградени амфитеатрален простор за интеракција со туристи, инфо-терминал и место за одмор.

Во објектот туристите можат да добијат информации, мапи, летоци и други печатени и промотивни видеоматеријали, како и сувенири за продажба. Инфоцентарот располага со сала за состаноци и семинари што може да се изнајмува, со што ќе се обезбедуваат средства за одржување на објектот.

Со овој проект е изработена веб-страницата www.osogovo.mk на која има податоци за осоговските туристички атракции, новости, настани и камера во живо со информации за моменталната температура, влажноста на воздухот, брзина и насока на ветерот.