Македонија
26. August 2016 - 15:37

Отворен ден во Општина Старо Нагоричане

Општина Старо Нагоричане денеска организираше отворен ден во рамки на проектот на Европската унија и Советот на Европа „Промоција на човековите права и заштитата на малцинствата во Југоисточна Европа" на кој надлежните од општината, пред преставниците на локалните самоуправи од Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Косово ги презентираа постигнатите цели и резултати од грантот од програмата имплементирана од општината во рамките на проектот.
 
Присутните претставници на различни општини од различни држави имаа можност да разменат идеи, со кои во иднина ќе работат на зајакување на практиките и промоција и заштита на малцинствата на локално ниво.
 
- Денеска во Општина Старо Нагоричане во Центарот за млади имаме промоција на проектот за зачувување на правата на малцинствата од Советот на Европа, каде аплициравме за проект за формирање на културно уметничко друштво „Српски вез“. Инаку, во рамки на овој проект формиравме и работилница за изработка на носии, сувенири, исто така имаме и постојана поставка на изложба на рачно изработените ракотворби. Сакам да потенцирам дека во Македонија од сите пет проекти кои ги добија малцинствата во Крушево, Сарај, Жупа Тетово и Старо Нагоричане, ние го добивме и грантот од 10.000 евра и со тие средства продолжија акивностите во работилницата изработивме уште 20-тина носии, сувенири, набавивме опрема, така што максимално сме опремени, изјави градоначалникот на општина Старо Нагоричане,Милован Стојковски.
 
Проектот „Промоција на човековите права и заштитата на малцинствата во Југоисточна Европа",финансиран од ЕУ и имплементиран од Советот на Европа. Според надлежните во овој проект преку т.н.мали грантови вложени се над 700.000 евра, директно за проекти со кои се подобрува животот на националните малцинства во средините каде што живеат.
 
- Имавме 152 пријави, од нив израбравме 36 општини кои ги финансиравме со грантови од 20.000 евра и на крајот  на периодот кој траеше дванаесет месеци избравме седум најдобри проетки кои претставуваат елементи на добра пракса кои може да се реплицираат. Денеска во Старо Нагоричане ние претставуваме еден од овие седум елементи во цела Југоисточна Европа, за кои мислиме дека се многу добри  и дека можат да претставуваат база која може да се копира во други општини во државата, но и во земјите од регионот.Старо Нагоричане во рамки на проектот доби уште едне грант да ја усоврши својата пракса во вредност од 10.000 евра, изјави Емир Аџовиќ,координатор на проектот за регионот.
 
Тој појасни дека низ проектот, ќе се презентираат добрите практики,кои ќе бидат преземени од останатите општини на национално и регионално ниво,со цел да се идентфикуваат проблемите, кои, нагласи, можат да бидат решени преку измени на законодавство,политики,со цел националните малцинства да имаат подобар живот во општините каде што живеат.
 
Преставниците на различните општини од државава и од земјите од регионот, во текот на денешниот ден ќе имаат можност да учествуваат на семинар за добрите практики на проектот, ќе ја разгледаат работилницата за изработка на носии и сувенири, постојаната изложбена поставка,по што ќе следи и настап на членовите на КУД „Српски Вез“ на плоштадот во Старо Нагоричане.