Свет
22. November 2017 - 9:31

Откриени остатоци кои е можно да и припаѓаат на исчезнатата аргентинска подморница

- Авион на американското Воено воздухопловство, вклучен во потрагата по исчезнатата аргентинска подморница „Сан Хуан“, на дното на Атлантскиот Океан откри неидентификуван објект кој емитува топлина, јави ДПА. 

Според регистрираните податоци, станува збор за метален објект, што се наоѓа на длабочина од 70 метри под површината на Океанот, на 300 километри од брегот на аргентинската провинција Чубут.

Кон местото на лоцираниот овјект веќе се упатени спасувачки бродови и авиони.

Аргентинската Воена морнарица на 15 ноември информираше дека подморницата „Сан Хуан“ со 44-член екипаж исчезнала, откако испловила од пристаништето Ушуаја на Огнената Земја и се упатила кон Мар дел Плата

Подморницата требало да контактира со командата, но не го сторила тоа. Последен пат дала податоци за својата локација на 13 ноември.

Во потрагата по подморницата се вклучени авиони и бродови на Аргентина, Бразил, Велика Британија, САД и Чиле. 

Портпарол на аргентинската Воена морнарица изјави дека не се изгубени сите надежи оти членовите на екипажот можат да бидат спасени, но додаде дека операцијата влегува во критична фаза бидејќи резервите со кислород во пловилото се при крај.