Живот
28. November 2019 - 10:12

Откриен портрет на Елизабета Прва од првите години од владеењето

Британската аукциска куќа „Бонамс“ соопшти дека во американската сојузна држава Калифорнија годинава е откриен одамна изгубен портрет на англиската кралица Елизабета Прва, од нејзината младост, односно од 1562 година.

Сликата, за која се верува дека е користена за привлекување потенцијални додворувачи, ќе биде продадена на наддавање во Лондон, на 4 декември. Се работи за редок портрет од младоста на една од историски најпознатите кралици. Проценките говорат дека цената на сликата може да достигне од 150.000 до 250.000 фунти.

Ендрју Меккензи, директор на одделот за стари дела при „Бонамс“, нагласи дека сликата датира од 1562, четвртата година од владеењето на Елизабета Прва…

– Целта е да се прикаже свежа и софистицирана слика од неа како млада владетелка, која зрачи со чувството на авторитет и самоувереност, изјави Меккензи.

Кандидати за нејзин сопруг биле шпанскиот крал Филип Втори, надвојводата на Австрија – Фердинанд и шведскиот крал Ерик Четиринаесетти. Сликарството тогаш имало голема улога во поттикнувањето на додворувачите.

Посредни докази укажуваат дека автор на новооткриената слика е Стивен ван дер Мелен –  личниот сликар на кралицата.