Македонија
19. January 2021 - 8:52

Осум илјади „Фајзер“ вакцини ќе пристигнат од Србија, први за вакцинирање здравствените работници од ковид-центрите

Осум илјади „Фајзер“ вакцини ќе пристигнат од Србија. Испораката можно е да се случи уште денеска, соопшти вчера министерот за здравство Венко Филипче. Тој вчера информираше дека се во тек разговори со неговиот српски колега Златибор Лончар за техничките детали и точното време на испорака на вакцините.

Разговорот за деталите на испораката меѓу двајцата министри за здравство следеше откако премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ се договорија Србија да и испорача на нашата држава 8.000 вакцини на „Фајзер“.

– Станува збор за „фајзеровата“ вакцина, која заедно со „Модерна“, е единствената која ги има сите потребни сертификати од најголемите регулатори, европската ЕМА и американската ФДА, изјави Филипче, но истакна дека сите вакцини што сега се достапни на пазарот се развиени на безбедна платформа и веќе се аплицираат во некои земји.

Во однос на чувањето на вакцините, министерот Филипче рече дека близу 100 илјади вакцини може да се складираат во еден фрижидер.

– Во таа смисла, фрижидерите кои ги најавувавме како донација се пристигнати, завршуваат административните постапки околу царинењето. Но, и сега во овој момент можеме да сместиме вакцини во постојните фрижидери кои ги имавме за друга намена од лабораториите на Институтот за трансфузиона медицина, додаде Филипче.

Премиерот Заев вчера се заблагодари на државниот врв на Србија и српскиот народ за пријателскиот чин на солидарност. – При прифаќање на нашите барања, Вучиќ понуди да помогне со вакцини и тој рече дека сака и да ги донира тие, но ние сме земја и имаме пари и ќе си ги платиме, па потоа потврди дека ќе ги дадат по набавна цена, односно по цената која Србија ги набавила вакцините, појасни Заев.

Тој информираше дека во последната недела бараат помош и поддршка и од други земји за, како што рече, да ни дадат помош за да можеме да почнеме со вакцинирање додека не стигнат првите 5.850 вакцини во февруари.

Првите вакцини кои ќе пристигнат во нашата земја, премиерот Заев рече дека се за здравствените работници кои работат во ковид-центрите, а потоа за ризичните групи на граѓани со хронични болести, возрасните, за членовите од семејствата кои изгубиле човек од Ковид-19 и други.

Додека државата ја чека испораката од Србија, од ЕК сè уште не знаат кога ќе почне распределбата на вакцините за Западен Балкан.

Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, вчера не беше во можност да каже кога Македонија и другите земји во регионот ќе ги добијат вакцините против Ковид-19 ветени од ЕУ. Повтори дека повтори дека Европската комисија и земјите членки го „поддржуваат“ и „стојат во солидарност“ со Западниот Балкан, како и со другите земји од источното и јужното соседство на ЕУ, во борбата против вирусот.

Потпретседателот меѓутоа не беше во можност да одговори јасно на прашањето на МИА кога Македонија ќе ги добие вакцините, ниту зошто не се пристигнати ветените дози од Грција и Бугарија.

Во меѓувреме, синоќа од Брисел беше соопштено дека набавката на вакцини за Западен Балкан ќе биде една од темите на дискусија на лидерите на ЕУ на состанокот на 21 јануари.

– Треба да разговараме за соработката со трети земји во врска со вакцините што треба да се третираат како глобално јавно добро. Ќе видиме како можеме да им помогнеме на нашите партнери во соседството и пошироко, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, додавајќи оти на состанокот ќе се разговара и за кампањата за вакцинација во рамките на ЕУ.

Во исчекување на вакцините, епидемиолошката слика во нашата држава и натаму се смирува.

Вчера беа регистрирани нови 63 случаи на коронавирусот од 529 тестирања, 13 лица починаа, а 176 беа забележани како оздравени.

Од починати 13 лица, пет пациенти се од Скопје (69, 72, 77, 66 и 66 г), два од Велес (66 и 80 г), три од Струга (74, 87 и 73 г), еден пациент од Кратово (52г), еден од Крушево (79г) и еден од Демир Капија (62г). Пациентите се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 88992, бројката на оздравени пациенти е 73777, на починати е 2715, а бројот на активни случаи изнесува 12500.

Во Скопје активни случаи има 7304, Куманово – 455, Тетово – 468, Кавадарци – 395, Струмица – 385, Охрид – 355, Велес – 335, Гостивар – 332, Прилеп-302, Битола-254. Во другите градови има помалку од 200.

Се намалува и притисокот врз болниците. Од околу 1500 колку што се движеше бројот на хоспитализирани во декември, сега на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава лежат 650 пациенти и има околу 621 празен болнички кревет.

Во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 376 пациенти позитивен и суспектен на коронавирусот. Во Прилеп, Охрид и Куманово има околу 50 хоспитализирани. Во другите градови помалку од 40.

Во ковид – центрите во Скопје се лекуваат вкупно 274 лица. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 88 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 78 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 18 пациенти. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Во Скопје има околу 180 слободни места во болниците.

Од Институтот за трансфузиона медицина вчера информираа дека се обезбедени вкупно 802 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19, од вкупно 729 донатори. Со крвна плазма досега се третирани 661 пациент. Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на тие кои во моментот се борат со коронавирусот, велат од Министерството за здравство.