Македонија
23. July 2021 - 19:37

Останува неизвесно што ќе се случува со Охридскиот регион - УНЕСКО се уште одлучува

Комитетот на УНЕСКО не се договори дали Охридскиот регион да стане светско наследство во опасност.

Усвојувањето на предлог-одлуката беше прекинато откако делегацијата на Норвешка изрази негодување на амандманите кои ги предложи делегацијата на Босна и Херцеговина со кои на Македонија и Албанија треба да им се даде дополнителен период oд две години за да постапат по препораките од УНЕСКО, пред да биде одлучено дали ќе се најде на листата светско наследсто во опасност. Од УНЕСКО посочија дека иако имало напори да се заштити регионот на Охрид за да не биде прогласен за загрозено културно и историско наследство, смета дека тоа што било направено – не е доволно. Затоа, од Македонија и Албанија се бара да го уверат Комитетот дека се сериозни во намерата да ги исполнат препораките дадени пред две години, а пред се да изработат заеднички Стратегиски план за обнова што треба да биде готов до 2022 година. Одлуката дали, и покрај тоа, ќе биде прогласен Охридскиот регион за загрозен се уште не се знае.

Од невладината Охрид СОС посочуваат дека во никој случај одлука  на Босна и Херцеговина не значи нова шанса туку продолжување на деградацијата во регионот.

- Ваквите неодговорни предлог-измени на Босна и Херцеговина ќе донесат само штета и се закануваат да ја запечатат судбината на Регионот, за која Центарот веќе предупреди дека „се движи кон точка од која нема враќање“. Ќе ни помогне ли Босна и потенцијално другите „пријатели“ таа точка да ја достигнеме побрзо?, посочуваат од Охрид СОС.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во 1979-та година го впиша Охридското Езеро на листата на природни наследства, а една година подоцна Охридскиот регион е впишан како природно и културно наследство, односно како мешовито добро.