Македонија
21. July 2016 - 17:02

Основано ново здружение за авторски права СОКОМ-МАП

Градење нова позитивна и конструктивна клима на полето на заштитата на авторското право и вистинска валоризација на авторскиот труд, е целта на новоформираното Здружение за заштита на авторски музички права СОКОМ - МАП.

Претседателот на Управниот одбор на СОКОМ - МАП, Сони Петровски денес на прес-конференција истакна дека ќе делуваат врз основа на дозволата за колективно управување, која ја добиле од страна на Министерството за култура, при што го посочи новиот предлог тарифник за авторски дела од страна на организацијата.

- Предлог тарифникот на СОКОМ-МАП е направен да ги анулира аномалиите и ќе биде постојано ревидиран заедно со корисниците со надеж дека оваа клима на меѓусебна соработка на авторите и организациите кои ги штитат ќе се смени во позитивна насока и ќе се подигне на повисоко ниво.

Петровски ја истакна неопходноста да се усогласат барањата на промотерите и авторите со што нема да се влијае на авторскиот приход, при што е потребно да се инвестира во поедноставен систем кој суштински нема да ја наруши работата.

Оваа организација покрај постоечката ЗАМП, со новите предлози за домашното творештво се смета дека ќе влијае објективно на културната политика и домашната музичка сцена.

Од Здружението, кое е основано од Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), ги покануваат сите заинтересирани автори да им се придружат во нивната мисија. Националните телевизии ќе склучат договор за соработка со СОКОМ МАП каде што ќе бидат прикажани делата на авторите членови во организацијата.