Македонија
8. March 2016 - 14:47

Осмомартовски марш на Форумот на жени на СДСМ во Струмица

Форумот на жени на СДСМ денеска организираше осмомартовски марш во Струмица. Точно на пладне поворката тргна од градскиот плоштад „Гоце Делчев“ до крајната дестинација малиот градски парк каде што ги пречека градоначалникот и претседател на СДСМ, Зоран Заев.

- Ние ја продолжуваме традицијата за осмомартовски марш за денот на жената. Денешниот настан има две значења, првото преку непосреден допир со жените да им го честитаме празникот со каранфил и флаер. Втората цел е жените да ни се приклучат во борбата што претстои, рече Марија Гарванлиева, претседател на Форумот на жени на СДСМ, Струмица. Маршот, како што наведе, е против диктатурата, заканите, марш за враќање на иселените деца.

Градоначалникот и претседател на СДСМ, Зоран Заев им го честита празникот на сите жени, како што рече, без разлика на нивната етничка, верска, политичка или каква било припадност.

- Ова е година на промените, а промените ги носите вие жените. Сакам да испратам порака, со поривот во вашите срца да се борите, не за СДСМ, туку за Македонија. Ова е битка за Македонија која што заедно која во борба предводена од вас жените ќе ја направи нашата земја поубаво катче и нас сегашните генерации, но и генерациите кои доаѓаат. Во наредните месеци, во борба за подобра Македонија сме вградени сите, рече Заев.