Македонија
1. јуни 2019 - 16:21

Османи уверен дека преговорите ќе започнат годинава

Македонија ги почнува преговорите со Европската Унија оваа година, уверен е вицепремиерот Османи. Со возење во брендиран двокатен автобус од скопското Кале до плоштадот Македонија ја почна кампањата “Заедно кон ѕвездите”, со која симболично го означи новото поглавје од евроинтегративниот процес на земјава.

Вооружени со новиот Извештај, Османи вели дека од посетите и лобирањата во европските центри владините претставници стекнале впечаток дека засега нема земја која се противи на почнувањето на преговорите.

Од Владата тврдат дека го знаат датумот кога ќе почнат преговорите, но не знаат точно кога тој ќе биде доделен.

Постигнатиот напредок во реформите е признаен од Европската комисија, велат од СДСМ. Од владејачката партија ги потенцираат позитивните страни во овогодинашниот Извештај како што се напредокот во сферите на човековите права, правосудството, граѓанскиот сектор, но и младинските политики

“Ги повикуваме, сите политички чинители, и граѓанското општество, да продолжиме да работиме заедно на реформите бидејќи не чека многу работа, не само заради евроинтегративниот процес, туку поради тоа што граѓаните го бараат тоа од нас”

Опозицијата, пак, со спротивно мислење за состојбата во државава. Две години поминаа во неработа, расипништво, безидејност и распродавање на државните интереси, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Последниот извештај на европската КОмисија за напредокот на земјава нотираше напредок во реформите и препорача безусловен почеток на преговорите за членство. Дали земјите членки ќе постигнат консензус за доделувањето датум ќе биде познато на 18ти јуни за кога е закажан министерскиот совет на европската унија.