Македонија
8. October 2019 - 12:27

Османи: Скопје и Париз имаат историска шанса да ги соединат заедничките амбиции во интерес на цела Европа

Македонија и Франција имаат историска шанса да ги соединат своите интереси, создавајќи вистински пример за тоа како се напредува во европските интеграции, изјави денеска заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи во официјален телефонски разговор со француската министерка за Европа и претставник на Франција во ЕУ, Амели де Моншален.

– Имаме неповторлива шанса пред нас да ги соединиме интересите на нашите две земји, создавајќи вистински пример за тоа како се напредува во европските интеграции, преку лидерство, преку храбри одлуки и долгорочни компромиси, како и преку истрајни и темелни реформи, истакнал Османи во разговорот.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Османи во разговорот ја потенцирал подготвеноста на Владата активно да учествува во промоцијата на европските вредности на Балканот, како суштински елемент во изградбата на посигурна, постабилна и просперитетна Европа.

– Преговорите на ЕУ со Република Македонија претставуваат можност на дело да се демонстрира кредибилност на европската перспектива, како основно гориво за решавање на конфликтите во регионот, праќајќи со тоа јасен сигнал до сите земји од Западниот Балкан, за европскиот модел кој се очекува да биде етаблиран кај сите земји кои сакаат членство во Унијата, истакнал Османи, изразувајќи притоа надеж дека претстојните самити на ЕУ ќе ја потврдат оваа заложба за остварување на заемните интереси.

Телефонскиот разговор со француската министерка Де Моншален претставува дел од активностите на вицепремиерот Османи со претставниците на европските земји во пресрет на одлуката за старт на преговорите на октомврискиот самит на ЕУ, се додава во соопштението.