Македонија
16. October 2018 - 10:29

Османи: Реформската агенда продолжува независно од политичките предизвици

Можностите за поддршка на реформскиот процес во Република Македонија, особено во обезбедување експертиза за клучните области како што се правосудство, фундаментални права, владеење на правото, безбедноста беа тема на разговор на средбата на заменик -претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи со делегацијата на холандското Министерство за правда и безбедност.

Во состав на холандската делегација се Арјен Таселар, шеф на Одделението за меѓународни односи и проекти и Ханс Јонкхер координатор за меѓународни односи на Западен Балкан и пристап кон ЕУ, се наведува во соопштението на СЕП.

- Еден од нашите највисоки предизвици претставува одржувањето на реформскиот моментум, согласно насоките од јунските самити на ЕУ, особено во делот на реформа на правосудството и обезбедување на принципот на владеење на правото, истакна Османи.

Тој посочи на успешно започнатиот процес на набљудувачки скрининг токму со поглавјето 23 - правосудство и фундаментални права.

- Холандија претставува еден од најцврстите поддржувачи на Република Македонија и нашите интегративни процеси, но и земја со која традиционално имаме исклучително успешна соработка. Оваа поддршка секако ја очекувам и сега кога земјата се соочува со предизвикот да го затвори прашањето за евроатланската перспектива и да ги започне преговорите за членство во ЕУ, рече Османи.

Тој изрази благодарност за понудената соработка и експертиза од страна на Холандија, во процесот на адресирање на неопходните реформи.

На средбата Османи реферираше и за актуелните политички состојби, изразувајќи уверување до соговорниците дека актуелните политички предизвици нема да ја загрозат реформската агенда на Владата, а предвидените реформи ќе бидат навремено имплементирани.