Македонија
2. November 2017 - 17:51

Османи: Проширувањето со земјите од Западен Балкан ќе донесе стабилност за целиот регион

Високо ја ценам шпанската поддршка за евроатлантските аспирации и за отпочнување на пристапните преговори на Македонија, како и генералниот став на Шпанија за поддршка на проширувањето на земјите од Западен Балкан, кое ќе донесе стабилност на целиот регион и ќе ги отвори вратите за соработка на повеќе полиња, што секако е во интерес и на одржувањето стабилност на цела Европа.

Ова го истакна заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи на денешната средба со новоназначениот амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија, Емилио Лоренцо Сера.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Османи изразил задоволство од билатералната соработка меѓу Македонија и Шпанија и со Амбасадорот се согласиле дека неопходно е во претстојниот период да работат на натамошното зајакнување на соработката меѓу земјите на повеќе нивоа, со интензивирање на посетите на високо ниво, а останува отворена можноста и за билатерална помош од Шпанија.

На средбата Вицепремиерот Османи го информирал амбасадорот Сера за текот на реформскиот процес за европска интеграција на земјата.

- Слободните, фер и кредибилни локални избори претставуваат круна на делот 3 од Планот 3-6-9, особено, имајќи го предвид фактот што поголемиот дел од мерките предвидени во овој дел беа во насока на спроведувањето на слободни, фер и кредибилни локални избори. Овие заклучоци за изборите беа потврдени и од меѓународната мисија ОБСЕ/ОДИХР, како и од сите останати релевантни меѓународни и домашни набљудувачи, истакнал Османи, се нваедува во соопштението од СЕП.