Македонија
17. November 2017 - 15:29

Османи побара поддршка од Иванов за реформскиот процес

 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на денешната средба во Вила Водно  од претседателот на државата Ѓорге Иванов побарал поддршка за реформскиот процес, но и за обезбедувањето консензус и вклученост на опозицијата, пред се, за законите за кои е потребен широк политички консензус и двотретинско мнозинство во Собранието.

Како што информира СЕП, Османи на средбата информирал за посетата на Брисел, остварена заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и средбите со потпретседателката на Европската комисија и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Фредерика Могерин и Јоханес Хан еврокомесар за проширување.

Вицепремиерот за европски прашања брифирал и за пораките на министрите за надворешни работи на земјите – членки на Унијата, кои, на Министерскиот појадок во Брисел - Пријателите на Македонија, организиран од страна на министерствата за надворешни работи на Бугарија и Шведска, изразиле подготвеност да ѝ помогнат на Република Македонија во нејзините европски и евроатлантски аспирации. 

- Османи реферираше и за новите реформски пакети на Владата – Шест и Девет, кои претставуваат заокружување на Планот 3-6-9, чија имплементација треба да обезбеди простор за напредок во приближувањето кон Европската Унија. Османи потенцираше дека Стратегиите и акциските планови содржани во Планот 3-6-9, во себе ги имаат инкорпорирано сите забелешки од стана на меѓународните партнери и релевантни институции, како што се препораките од Извештаите на Европската Комисија, на Венецијанската Комисија, ГРЕКО, забелешките на Високата експертска група предводена од Рајнхард Прибе како и сите останати извештаи и препораки кои се нотирани како обврска за Република Македонија, наведуваат од СЕП.

Со тоа, потенцирал Османи, реформскиот пакет е заокружен, по чија имплементација се очекува отстранување на условеноста на препораката, како и позитивен извештај со нова чиста препорака од страна на ЕК. На крајот, потенцирал Османи, заедно со напредокот во отстранувањето и на отворените политички прашања, се очекува и одлука за почеток на преговорите до средина на 2018 година.

- Имаме неповторлива шанса, во 2018 година да направиме историски исчекор и да го затвориме прашањето за ЕУ и НАТО. Потребно е да ги тргнеме настрана нашите лични, партиски, па дури и етнички приоритети, да оствариме консензус за реформите, и да испорачаме резултат, истакнал Османи.

Тој ја потенцирал важноста на моментумот, повторувајќи ја оценката добиена во Брисел, дека 2018 треба да биде историска година за напредокот на Република Македонија во европските и евроатлантските интеграции, моментум за кој треба да се заложат сите чинители на општеството, и преку инклузивен процес, да се обезбеди и суштински, а не само декларативен консензус за процесот на интеграциите на Република Македонија, стои во соопштението од СЕП.