Македонија
1. April 2018 - 15:21

Османи: Очекуваме чиста препорака од ЕУ, да се донесат реформските закони

- Валоризација на целиот досегашен труд и чиста препорака за почеток на преговори за полноправно членство, очекува вицепремиерот Бујар Османи од претстојниот Извештај на Европската комисија (ЕК).
 
Тој ова го соопшти преку својот фејсбук профил, во неделното видео - обраќање на македонски јазик, под кое оди титл на албански, нагласувајќи дека комуникацијата на двата јазика е лесно разбирлива и прифатлива. Воедно укажува и на, според него, непотребната хистерија што се создава околу употребата на јазиците.
 
Османи нагласува дека Извештајот што ЕК ќе го објави на 17 април, претставува и финале на Планот 3 - 6 - 9 со што завршува неговата имплементација, но и неговата реформска улога за враќање на државата на евроатлантскиот колосек. 
 
- Иако Планот има задоволително ниво на имплементација и според моите сознанија од Брисел, првичната цел за која беше наменет е веќе остварена, некои од клучните реформски закони се уште чекаат консензус за нивно изгласување, истакнува Османи.
 
Тој апелира на зрелост, одговорност и разум до сите политички фактори во државата.
 
- Дозволете последен пат да апелирам, во наредните десетина дена да изградиме консензус и да ги усвоиме законите кои упатуваат на државен консензус и со тоа да ставиме точка на евроатлантската иднина на земјата. Ја сум убеден дека е тоа желба на нашите граѓани, нашите гласачи, независно од која партија доаѓаат. Со тоа станува и наша обврска, потенцира вицепремиерот.
 
Во обраќањето, Османи рече и дека со нетрпение ја очекува примената на новиот Закон за употреба на јазиците, не само поради фактот што се работи за очигледна придобивка на Албанците, туку и поради тоа што со Законот, како што истакна, ќе се демантираат сите закани и заплашувања кои се појавија изминатиот период.