Македонија
31. May 2019 - 18:37

Османи и Димитров: Преговорите со ЕУ ќе започнат оваа година

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи кои денеска се сретнаа со белгискиот министер за надворешни работи, Дидие Рејндерс, за МИА велат дека добиле јасни сигнали дека без разлика на тајмингот на одлуката првата фаза на преговорите со ЕУ ќе започне оваа година, јавува дописничката на МИА од Брисел.

За вицепремиерот Османи „нема дилема дека почнуваме оваа година“, односно со одржувањето на првата меѓувладина конференција во декември. Македонската Влада, сепак, инсистира одлуката од европска страна да се донесе во јуни или јули.

– Ние инсистираме на јунско-јулските самити затоа што веќе влегуваме во еден непредвидлив период, и поради Брегзитот кој е одложен за октомври, и грчките избори, новата Европска комисија, настани кои го прават понепредвидлив процесот, затоа е нашето инсистирање и има голем број земји членки кои нѐ поддржуваат во овие наши напори дека мора да се искористи овој период. Иако дилемата дали оваа година или не, не постои и не сме ја слушнале ни од најскептичните земји-членки, вели Османи, за МИА.

Слични охрабрувања добил и министерот за надворешни работи при средбите со земјите членки, вели тој.

-Има консензус барем зад затворени врати, има препознавање колку е голем влогот, не само за нас туку за политиката на ЕУ кон Балканот. Во спротивно, вели Димитров, „пораката би била дека ЕУ не дава европска перспектива за нашиот регион. Сега треба да се бориме тоа да биде со што помалку ризици, затоа сакаме оваа одлука да биде пред одморите“.

Иако Димитров предупредува дека не треба да се стане „заробеник“ на датумите јуни и јули поради тоа што секоја земја познава сопствени домашни пречки и процедури, сепак ЕУ треба да има на ум дека секое одлагање носи политички ризик за Северна Македонија.

-Наше е, и затоа сме толку растрчани по земји членки, да објасниме колку е важно зборот на ЕУ да се почитува. Бидејќи ЕУ кажа јуни 2019, не ние. Истовремено не треба да бидеме заложници, за нас е многу поважно да ги започнеме преговорите, отколку дали одлуката ќе биде донесена во јуни или јули па дури и на есен. Важно ни е оваа година, после 14 години, да влеземе во фазата во којашто се веќе Црна Гора и Србија и да имаме реформски натпревар со тие земји, вели министерот Димитров.

За него, ризикот од одложувањето е пред сѐ политички.

-Сигурно опозицијата ќе се обиде да го искористи тоа, ова направивте, ова не добивте, ќе има таков напад, и тоа ќе биде охрабрување на политичките сили што нѐ доведоа до состојбата која Европската комисија ја дефинираше како заробена држава, тоа ќе биде политичката импликација на непрепознавањето на овој успех, вели шефот на македонската дипломатија, додавајќи дека станува збор оваа година за „неверојатен“ извештај во сите клучни области кои ги анализира Европската комисија.

Министерот се осврна и на критиките на опозицијата кон европскиот процес кој го води владата, критики кои ги оценува како дрски.

-Кога од таму слушам таков тип критики на европската агенда, со целосна почит и извинување кон јавноста, не можам да не го третирам тоа како безобразно и дрско бидејќи тие не редуцираа на заробена држава, односно институции што му служат на еден човек. Тоа беше извештајот 2016та година, смета шефот на македонската дипломатија.

И за да нема одговорност, меѓу другото, смета тој, се создаде атмосфера со најцрниот ден на 27 април кога се нападна Собранието.

-Додека таму не се расчисти целосно и не се помине низ таа катарза, да се каже “ова беше најцрн ден, треба одговорност за сите“, од каде морален образ за европска агенда, кога во две години, од закопани во калта стигнавме во најблескав пример за целиот регион, додава Димитров за МИА.

Процесот на одлучување, кој е сега целосно во рацете на земјите членки на ЕУ, е деликатен од политички и од технички аспект за некои од нив. Освен познатите француски резерви, тука се и потешкотиите за германскиот парламент да ја усвои одлуката за почеток на преговори со нашата земја во толку кус временски рок, бидејќи предвидена е само една седница првите два дена од јуни, а Советот на министри на ЕУ на кој треба да се одлучува за преговори се одржува на 18-ти јуни.

-Оттука земјите членки разгледуваат различни опции како да се надминат тие технички бариери, но генерално зборуваме и со Бундестагот за неопходноста за донесување одлука сега заради самиот процес, објаснува вицепремиерот Бујар Османи за МИА.

Опцијата за раздвојување на Албанија и Северна Македонија и натаму е во оптек. Иако од македонска страна се смета дека идеалното сценарио е двете земји да одат напред, многу е важно земјата да не биде жртва на такви калкулации, и пред сѐ секоја од нив да биде оценувана според сопствените заслуги.

-Впечатокот е дека нашата приказна е толку моќна што никој не може да ја игнорира, не само затоа што претставува преродба на европската идеја, туку и затоа што станува модел кој треба да го следат другите земји, и ако не се награди ваквиот наратив, нема да може да се користи како модел за другите земји во регионот да пристапат кон стабилизирање и соработка, додава Османи за МИА.

Одлуката за старт на преговори за Северна Македонија би можела најрано да се донесе на 18-ти јуни во Луксембург кога ќе се состанат министрите за надворешни и европски работи. Минатата година одлуката беше одложена поради противењето на Франција, Холандија и Данска.