Македонија
14. јуни 2020 - 12:51

Османи: Да сe најде консензус за избори на почетокот на јули

Изборите денеска ни се многу повеќе потребни отколку во декември минатата година, кога со консензуз се одлучивме дека ќе имаме предвремени избори. Но, во исто време избрите имаат смисла само доколку граѓаните навистина имаат избор да ги бираат претставниците кои ќе ги претставуваат во парламентот, истакна на денешната прес-конференција високиот функционер на Демократската унија за интеграција и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

– Демократијата не препознава политички  натпреват во кој се натпреварувате самите со себе. Без учество на релевантните политилки фактори изборите во овие услови ќе претставуваат само нова политичка криза која по првило кај нас се претвара во институционална криза за потоа да стане и закана за евентуална безбедносна криза. Би било исклучително неодговорно ако тоа го дозволиме, рече Османи.

Османи потенцира дека треба да се искористи овој ден, оставајќи ги партиските и политичките тактики за да се најде консензус за избори на почетокот на јули.

– Мислам дека разликите се мали меѓу политичките партии и е прашање на денови. Не смееме да дозволиме државата да влезе во  длабока политичка криза заради разликата од два-три дена дали порано или подоцна, рече Османи.

Тој посочи дека денеска сме исправени пред нов предизвик како да ја заокружиме оваа неприродна состојба без да се предизвика нова политичка криза која, како што рече, не ни е потребна. Османи додаде дека завршувањето на вонредната состојба не значи дека е завршена епидемиолошката закана и потребата за ефикасно справување со последиците од пандемијата, туку напротив потребна е стабилна и одговорна влада и политичко мнозинство кое во целост ќе ја преземе одговорноста за сите предизвици  што се пред нас.

– Севена Македонија не е исправена пред предизвикот да се справи само со пандемијата, туку и пред долгоочекуваниот почеток на преговорите некаде при крајот на оваа година. Во моментот тоа претставува  најголемиот и најважниот стратешки приоритет за државата за кој секако барем декларативно имаме оформен консензуз. Нема ништо паметно во тоа најважниот проект за граѓаните да го загрозиме заради политичка незрелост, политичко надмудрување и партиски тактики ставајќи ги партиските интереси пред стратешките. Сакам да предупредам на последиците од ова политичка несериозност затоа што се уште има можност и има начин да не им приредиме на граѓаните и државата нова политичка нестабилност во период кога токму стабилноста ни е најсилното оружје. Очекувам денеска сите политички фактори да ги посочат нивните позиици и предлози за тоа како сметат дека треба да ја заокружиме оваа неприодна ситуација, рече Османи.
 
Тој упати апел до лидерите на политичките партии да ги замрзнат изборните тактики и да и дадат приоритет на сериозноста во која се наоѓаме.