Македонија
16. March 2020 - 16:52

Ослободување од даноци и придонеси за оддржување во живот бара бизнис заедницата

Намалување на придонесите за сите вработени од најмалку 50 отсто додека трае кризата поради намален ефективен фонд на часови, субвенционирање на платите за сите вработени додека траат превентивните мерки, субвенционирање на трошоците за компаниите за бруто плати за сите кои се отсутни од работа, бараат бизнисмените  за спречување на последиците од коронавирусот.

Четирите стопански комори доставија предлог економски мерки до Владата бидејќи сметаат оти во овие услови не постои можност да се издвојат сектори кои се повеќе или помалку погодени или сектори кои порано или подоцна ќе бидат опфатени бидејќи сите сектори директно или индиректно ги чувстуваат последиците од новонастанатата ситуација.

Понатаму, стопанските комори бараат вработените кои ќе бидат дома и тие кои ќе бидат во самоизолација да имаат третман на болни и да бидат платени од Фондот за здравство за период од еден месец, а потоа да се дејствува согласно ситуацијата.

Во однос на даноците, бизнисот бара одложување на даночните обврски во секторите и фирмите погодени од коронавирусот.

Стопанските комори велат дека компаниите во сите дејности работат со намален капацитет поради мерката за еден од родителите на деца до 10 години да бидат ослободени од обврската да ги извршуваат работните обврски.

Во меѓувреме, за да поевтинат кредитите, Народната банка ја намали референтната камата за  0,25 процентни поени и  сега изнесува 1,75 отсто. Оттаму велат дека сите мерки кои што се преземаат за спречување на ширењето на коронавирусот врз вкупниот раст на економијата.