Македонија
20. July 2015 - 19:01

Оштетени две возила на македонски државјани во Грција

Граничната полиција евидентираше два нови случаи на оштетување на возила на македонски државјани кои летувале во Грција.  Со тоа вкупниот број на оштетени возила за оваа година изнесува четири.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека  во саботата на Граничниот премин „Богородица“, пријавено е оштетување на задното лево стакло, оштетена лајсна и оштетен преден браник со предна лајсна на патничко моторно возило марка „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од А.Д. од Скопје  и вчера, на Граничниот премин „Стар Дојран“, од страна на лицето Т.Д. од Штип, пријавено е скршено лептир стакло на патничко моторно возило „Хонда“ со штипски регистарски ознаки, при што било отворено возилото од каде е одземен новчаник од сопатникот З.С. во кој имало возачка дозвола и лична карта на негово име.

Настаните се случиле во местото Пиреа, односно езеро Киркини и истите не се пријавени во грчката полиција.

Како што претходно МВР ја информираше јавноста, првото оштетување на возило на македонски државјани за оваа година беше пријавено на 14 март на ГП „Богородица“ од страна на М.Б. од Прилеп кој управувал патничко моторно возило „Форд Мондео“ со скопски регистарски ознаки. Возилото било изгребано на левата врата со остар предмет додека било паркирано на аеродромот во Солун.

Вториот случај е пријавен на 14 јуни на ГП „Меџитлија“ од страна на Б.М. од Охрид, кој додека бил во местото Метаморфози, на предната  хауба забележал видливи знаци  на оштетување  од цврст предмет со ознака ``NO-MK`` и дупната задна лева гума на своето патничко моторно возило марка „Мерцедес Бенз“ со охридски регистарски ознаки.

Од МВР наведуваат дека иако, случаите биле пријавени во грчката полиција, оштетените не добиле Записник.