Македонија
5. April 2018 - 9:06

„Орландина“ на Росана Хрибар го отвори Танц фест 2018

По премиерата во Танцовиот театар на Љубљана на 23 март, „Орландина“ во изведба на Росана Хрибар синоќа во Македонскиот народен театар го отвори Танц фест 2018. Специјално за оваа позната словенечка танчарка соло-претставата ја режираше нашата кореографка Рисима Рисимкин. 

На танцовата сцена Росана Хрибар е од 1970 година. Се школувала на Танцовата академија во Љубљана и во изминатите две децении соработувала со познати кореографи, театарски режисери и танцови ансамбли во Словенија и во странство. За врвни уметнички дострели ја добила државната „Прешернова награда“ во 2015 година и трипати наградата „Ривер Ман“ - за најдобра претстава/изведба на годината. За танцовиот филм „10 години“, пак, ја добила Наградата на градот Виена за најдобар карток филм.

Орландина

Хрибар ја поканила за соработка Рисимкин откако минатата година ја видела нејзината кореографија „Котел“ со Скопје танцовиот театар и „Р:Е.М. - Низа од соништа“ со танцовата компанија „Nine Dance Theater“ од Пекинг. 

За „Орландина“ Рисимкин вели дека е претстава посветена на Росана Хрибар и времето. - Инспирирана од романот „Орландо“ на Вирџинија Вулф, интимна приказна на танчар раскажана преку видогледот на три силни жени од различни културни, политички и временски периоди: Вирџинија Вулф, Рисима Рисимкин и Росана Хрибар, изјави Рисимкин за овој свој проект за кој музиката ја компонираше Тони Китановски, а дизајнот го изработи костимографот со светска кариера Алан Хранитељ.

Во вториот дел од вечерта настапија девет млади танчари од Скопје танцов театар со „Д.О.Л.“ во кореографија на Адријана Данчевска која работи како асистент-демонстратор на Катедрата за современ танц на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. 

ДЛО

Оригиналната музика за „Д.О.Л.“ ја компонираше Александар Гроздановски Херцел, а со оваа претставата беа одбележани седум години постоење на Скопје танцов театар кој е единствена компанија за современ танц во Македонија.

Танц фест 2018 почна со 90 деца од неколку танцови студија кои настапија на музика на „Крафтверк“ и со врачување на наградата „Менада“ за врвни остварувања во областа на танцот. Годинава ја доби Дидие Дешан од Франција, танчар, кореограф, педагог по современ танц и директор на Националниот театар „Шајо“ во Париз.

- Трогнат сум и горд за добивањето на оваа награда. И искажувам благодарност на Рисима Рисимкин за она што со посветеност и страст го прави за танцот во земјава. Со неа делиме една многу важна заедничка работа – танцот, рече Дешан, кој вчера доби признание почесен доктор и од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА.

Дешан

Дишан бил директор на Одделот за кореографски студии на Конзерваториумот за музика и танц во Лион, а до 2011 година и директор на Националниот театар - центар за кореографија и балет во Нанси.

Годинава на Танц фест ќе учествуваат уметници и компании од Франција, Швајцарија, Словенија, Австрија, Летонија, Литванија, Чешка, Полска, Унгарија Словачка и Македонија. Фестивалот ќе заврши на 23 април со гостување на француската компанија „Покемон“ и претставата „Silance… on tourne!“ во Македонскиот народен театар. Танцови претстави ќе има и на сцената „Зебра“, во театарот во Велес и во Центарот за култура во Штип.