Свет
17. February 2020 - 9:45

Орбан ѝ се обрати на нацијата: Имаме проблеми со ЕУ, но не мора да ѝ се допаѓаме на бриселската елита

Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера во обраќањето на нацијата порача дека Будимпешта научила дека не мора да ѝ се допадне на „уморната бриселска елита“, нагласувајќи дека Унгарија е иднината на Европа.

„Во последните 10 години научивме дека Европа не е во Брисел. Европа сме ние и ние не мораме да ѝ се допаднеме на уморната бриселска елита. Во минатото мислевме дека Европа е нашата иднина, но денес знаеме дека ние сме иднината на Европа“, изјави Орбан.

Унгарскиот премиер веќе подолго време е во конфликт со Брисел и јавно ја напаѓа Европската унија.

„Имаме проблем со ЕУ и тие проблеми произлегуваат од различните пристапи околу тоа како треба да се изгради Европа“, изјави неодамна Орбан на конференцијата на европската десница во Рим.

Орбан изрази задоволство што Унгарија успеала да пронајде „заеднички темели“ со соседните земји, Хрватска, Словачка, Словенија и Србија и е во позиција со овие земји да учи, да ја шири соработката и да создава сојузи.

„Историјата повторно им даде на народите од централна Европа шанса да изградат нов сојуз втемелен на нивните сопствени национални интереси кои ќе ни овозможат да се браниме од заканите од истокот и западот“, изјави Виктор Орбан.