Македонија
14. July 2016 - 16:03

Орав: Останува отворено уште едно прашање во преговорите на партиите

Само едно прашање ги дели партиите од конечен договор тврди евроамбасадорот Аиво Орав. И по вчерашните маратонски преговори во Пржино кои траеја повеќе од 12 часа со две кратки паузи за партиски консултации, евроамбасадорот Орав изјави дека  најголемиот дел од работата е завршена, но не сакаше да открие која точка го кочи договорот.

 Завршена е навистина значителна работа за која беше потребно многу време. Многу прашања беа договорени, но се уште има едно прашање кое е отворено, и поради тоа, за жал, не бевме во состојбата постигнеме договор, односно партиите не беа во состојба да постигнат договор вечерва. Се надевам дека ќе продолжиме што е можно поскоро, изјави Орав.

За исходот од вчерашните преговори изјава не даде ниту еден од претставниците на политичките партии.

Според неофицијални информации најспорно е прашањето околу ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната влада која најверојатно ќе се формира 100 дена пред предвремените парламентарни избори со можност тие да се одржат кон крајот на ноември годинава. 40-те илјади спорни записи од избирачкиот список ќе бидат ставени на јавен увид, а доколку граѓаните сами не го поврдат гласачкото право тие ќе бидат избришани од списокот.

Засега целосно е нејасно на кој начин ќе функционира и регулаторното тело кое ќе биде задолжено да ги мониторира медиумите во предизборниот период и кое најверојатно ќе биде составено од членови на предлог на партиите. Но без официјални изјави од полиичките партии овие информации засега се непотврдени. Од партиите не откриваат ниту дали и кога ќе продолжат преговорите во Пржино со посредство на меѓународната заедница.