Македонија
4. February 2016 - 14:40

Општина Струмица ја одбележа 144-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

Струмица денеска ја одбележа 144-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Пред неговиот споменик на истоимениот плоштад, цвеќе положија претставници на општина Струмица, Општинскиот сојуз на борците, политичките партии, јавните институции, основните и средните општински училишта.

- Љубовта и почитта кон татковината и нејзината историја повторно не собраа на едно место, а кога татковината и нашата историјата се во прашање, тогаш за нив е невозможно да се зборува без да се истакне името на најголемиот меѓу големите, гордоста на сите генерации Македонци, Гоце Делчев, рече Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица. 

Тој нагласи дека 4 февруари секоја година го чествуваат како ден на неговото раѓање.

- Така било, така е, така ќе остане засекогаш, оти никој не може да остави во македонскиот незаборав толку грандиозно револуционерно дело и никој не може да го положи својот живот за Македонија, без пред тоа да се роди. Токму затоа, 4 февруари е датум кој е вечно врежан во македонскиот историски времеплов, рече Христов.

Учениците од хорот и рецитаторската секција при ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса изведоа програма „Овде тука, засекогаш“.