Македонија
20. March 2023 - 19:52

Општина Прилеп сака да се задолжи преку општинска обврзница за капитални проекти

Општина Прилеп планира да се задолжи 5 милион ева со општинска обврзница за изградба на мост со кружен тек кај месноста Табана, пробивање на нова улица „Победа” исто со изградба на нов мост, реконструкција на влезот од страната на Македонски Брод и поставување на фотоволтаични панели за производство на струја сите општински објекти. Од Општината велат дека без вакво задолжување Општината немала пари да ги реализира капиталните објекти, затоа што немала помош од централната власт, а имала и огромен долг кој морала да го враќа а бил наследен од претходната локална самоуправа

„Кога Владата се задолжува со еврообврзници зарем друга алтернатива постои. Ние имаме во тековната година голем процент на враќање на стари долгови затекнати од претходната власт. Односно за исплата на автобуси, градинки, и друго. Ние друг начин немаме на финансирање на овие проекти“, рече Борче Јовчески, градоначалник на Општина Прилеп.

„Со првите 3 проекти, тоа се чисто инфраструктурни проекти кои го означуваат развојот на Прилеп и граѓаните на Прилеп добиваат подобри инфраструктурни комуникации. Од еден во друг дел на градот. Слепите црева, горливите сообраќајни јазли ги средува за полесно функционирање на самите граѓани од еден во друг дел на градот“, изјави Бранко Нешкоски, раководител на сектор урбанизам во Прилеп.

Од Општината се надеваат дека Министерството за финансии ќе ја одобри обврзницата која ќе се враќа во наредните 7 години. И тоа 7 години се враќа само каматата која е околу 240.000 евра годишно, а последната година се враќа наеднаш целата главнина од 5 милиони евра.

„Ние обврзницата ќе ја понудиме на пазарот на хартии од вредност, преку Комисијата за хартии од вредност и мислиме дека ќе има доволно заинтересирани Пензиски фондови, Втори пензински фондови, Инвестициони фондови, па и граѓани кои ќе бидат заинтересирани да ја купат оваа обврзница“, истакна Драган Ѕвездакоски, раководител на сектор за финансии во Општина Прилеп.

Одлуката за обврзницата треба да ја донеси Советот на наредната седница.