Македонија
5. October 2018 - 13:43

Општина Кочани очекува предлози од граѓаните за новиот буџет

Општина Кочани го започнува процесот на планирање и креирање на буџетот за 2019 година, при што ќе ги вклучи и граѓаните со нивни ставови за одредени проекти што се од јавен интерес.

Веќе е упатен јавен повик до институциите, здруженијата на граѓани и поединци да доставуваат предлози за реализација на зафати што се важни за заедницата, а што би се финансирале од општинскиот буџет.

- Очекуваме конструктивни идеи за активности што ќе би ги реализирале следната година, а за кои е неопходно навреме да предвидиме средства и да ги вклучиме во главниот финансиски план на општината. Овде пред се мислиме на предлози за изградба, асфалтирање, реконструкција на улици или за други инфраструктурни зафати, при што препорачуваме тие да бидат доставени преку урбаните и месните заедници, со што уште повеќе ќе се истакне поширокиот интерес на заедницата и ќе го зајакне дејствувањето на месната самоуправа, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Освен за реализација на инфраструктурни прашања граѓаните, граѓанските здруженија и институциите можат да  доставуваат предлози и за други проекти што се од надлежност на локалната самоуправа. Според јавниот повик тие се однесуваат и на комуналните дејности, урбанистичкото планирање, заштитата на животната средина, локалниот економски развој, образованието, културата, социјалната и здравствена заштита, спортот и младите, поддршката на НВО секторот и на меѓународната соработка.