Македонија
28. December 2018 - 12:18

Општина Гостивар во 2019 година влегува без донесен буџет

По недоразбирањата во Советот на Општина Гостивар, градоначалникот на општината Арбен Таравари го повлече предлог буџетот за 2019 година од дневен ред на продолжението на седница на советот.

Ваквиот чекор, тој го образложи со непринципиелните ставови и предлози на монозинството, кое го сочинуваат претставниците на ДУИ и СДСМ, а се однесува на привремените вработувања.

-Советниците од ДУИ и СДСМ дадоа предлози за измени со кои општината не може да ги извршува обврските и нормално да функционира. Во Македонија, не постои ниту една општина со „нула“ денари за привремени вработувања, а тие токму тоа го прават. Како предлагач на буџетот имам право да го повлечам и тоа го сторив, рече Таравари по прекинот на седницата.

Тој појасни дека ова ќе доведе до времено финансирање од Министерство за финансии, исто како и лани.

Седницата на Општина Гостивар на која беше и точката за буџетот за 2019 година беше прекината во средата и презакажана за денес. Несогласувањата помеѓу членовите на советот околу средствата со кои ќе раководи градоначалникот и за времени вработувања беа главната причина за одложување на седницата.

Советниците кои припаѓаат на мнозинството предводено од ДУИ бараа да се прекрои буџетот и да има пренамена на средства. Во дискусиите беше напоменато дека градоначалникот може да користи околу два милиони денари, наместо проектираните седум, а за времените вработување ќе мора прецизно да се наведат за каде се предвидени.

Градоначалникот Арбен Таравари во обраќањето нагласи дека износот од 13,5 милиони денари е речиси истата сума која претходната локална власт ја трошела за привремени вработувања.

Забелешки имаше и престедателот на советот Насир Муслиу кој напомена дека во предлог буџетот нема ниту еден проект од програмата за развој која советот ја одобрил.

Со неизгласувањето на буџетот минатата година настанаа проблеми со исплатата на плати во образовните институции и општинската администрација, јавните претпријатија и училиштата. Пред крајниот рок, советниците го одобрија буџетот кој претрпе извесни корекции и се избегна самораспуштање на советот и распишување на нови локални избори за општина Гостивар.

Градоначалникот кој доаѓа од редовите на Алијансата за Албанците ја нема мнозинската поддршка во советот. Предложениот буџетот кој општинската администрација го проектира за 2019 година надминува 17 милиони евара што е за 4,2 проценти поголем од ланскиот.