Македонија
25. August 2019 - 16:45

Општина Битола со нов план за мобилност

Битола го подготвува Планот за одржлива урбана мобилност со кој заеднички и координирано треба да се решат проблемите во сообраќајот. Со овој План треба да се даде одговор како треба системски да се реши мобилноста во Општина Битола.

-На овој начин треба да изработиме документ кој треба да даде целосен системски пристап како треба да се дефинира сообраќајната мобилност во Битола, не само дефинирање на текот на возилата, но и на сите учесници на сообраќајот. Еден ваков пристап треба да даде решенија кои треба брзо да се имплементираат на терен, кои ќе бидат функционални, законски добро регулирани и на тој начин да преминеме на решавање на горливиот проблем кој општината го имала години наназад, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Мобилноста треба да претставува оптимизација на сообраќајот.

-Од традиционалниот пристап во кој фокусот се автомобилите, треба да преминеме на паметен пристап кој ќе ја испланира мобилноста на сите граѓани, и на пешаците, и на велосипедистите, и правилно користење квалитетен јавен превоз. Ќе биде потребно  да се примени процес кој ги редизајнира и релоцира уличните простори, а не да планираме широки коридори за движење само на автомобилите, вели Д-р Јасмина Буневска Талевска, национален консултант за ПОУМ.

На општинската веб страна има анкетни листови со цел и граѓаните активно да се вклучат со свое мислење во изнаоѓање на заедничко решение за поголема мобилност во Битола. Битола е избрана меѓу петте градови да го претставува регионот вклучени во проектот „Планирање на урбана одржлива мобилност“ кој е дел од поширока иницијатива за одржлива урбана мобилност во градовите во Југоисточна Европа финансиран од Германската агенција за развој - ГИЗ.