Македонија
5. November 2017 - 9:43

Општина Битола го одбележа 4. ноември – Денот на ослободувањето

Со свечена академија и доделување на наградата „4. Ноември“, синоќа во Битола, локална самоуправа, со гости од државата и странство, го одбележа Денот на ослободувањето, празникот на градот кој се слави од 1944 година.

Градоначалничката Наташа Петровска во своето празнично поздравно обраќање порача дека Битола е град на кој треба да му се врати конзулскиот сјај, а космополитизмот да доживее ренесанса.

-4-ти Ноември е историски бедем на нашата борба, непрегор, симбол на вербата за поубаво утре. И денес одекнува оној 4-ти Ноември од 1944 година кога Седмата македонска бригада гордо, победнички, радосно маршираше по нашиот Широк Сокак бележејки крај на нечие човеково лудило. Тие луѓе, непоколебливи борци, на своите плеќи, со своите жртви ни го донесоа највредното – слободата и ведро небо, истакна битолскиот градоначалник пред аудиториумот и најави дека максимално ќе се вложи за како што рече Битола да биде дом за битолчани, да не ни заминуваат децата затоа што во секој од нас горат стиховите „За Солуна, за Стамбола, Битола не давам“.

Битола ќе биде отворена кон светот и ќе овозможи влез на светот во Битола, а според градоначалничката Петровска тоа меѓу другото ќе се оствари и со инфраструктурни инвестиции.

-Нам ни требаат повеќе уредени улици, средени паркови, повеќе градинки, поубави училишта, модерни пазари, разиграна чаршија, ведар Широк Сокак. Во иднина ги гледам спортските терени и разиграноста во нив. Неуморно, со верба, љубов и подадена рака кон нови достигнувања, нашите бисери Пелистер, Хераклеја, нашата местоположба Пелагониското поле, архитектурата, нашата раскошна историја, покажуваат на огромни можности за многу бројни насмевки на туристи, истакна Петровска.

Со одлука на новото општински водство, годинава не се одржа коктел со храна и специјалитети од храна, а заштедените средства беа донирани на битолскиот Центар за деца со аутизам.

Според востановената традиција беа доделени и празничните награди за минатата година, а тие им припаднаа на Васо Радивојевиќ, лекар во битолската Клиничка болница, на Драган Најденовски ликовен уметник, награда доби и Менка Николовска, хуманитарка од Битола, а наградата за животно дело му беше врачена на професорот во пензија Трајко Огненовски.