Македонија
17. September 2019 - 16:12

Опозицијата бара анкетна комисија да утврдува каде се трошеле парите

Опозицијата бара формирање на анкетна комисија во Собранието за испитување на евентуалното нелегално работење на СЈО.
ВМРО ДПМНЕ бара комисија од 10 членови која ќе ја води пратеник на ВМРО-ДПМНЕ да испита каде СЈО потрошило 15 милиони евра.

Власта е против. Во барањето за анкетна комисија за СЈО велат дека гледаат обид на опозицијата да ги спаси криминалците во своите редови.

Во меѓувреме власта и опозицијата се враќаат на преговарачката маса за законот за јавното обвинителство. По неформалната средба на преговарачките тимови денеска, нова рунда разговори се најавува за во четврток и петок.
Опозицијата вчера достави писмени забелешки по последната лидерска средба.

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е трансформација на постојното обвинителство за организиран криминал и негово доекипирање преку јавен конкурс на кој ќе можат да се пријават сите, вклучувајќи го и кадарот на СЈО, а последниот збор да го има Советот на јавни обвинители.

Опозицијата бара тие да предложат шеф на ова обвинителство, а доколку нивниот избор два пати биде отфрлен од мнозинството да достават листа со тројца потенцијални кандидати од кои Советот на јавни обвинители ќе треба да избере еден. Трансформираното обвинителство за организиран криминал ќе ги преземе сите случаи на СЈО но и случајот Рекет, иако според извори од опозицијата власта барала Вилма Рускоска да остане да го води предметот.

Извори од власта пак брифираат дека постои подготвеност да се прифати барањето на опозицијата новото обвинителство да може да го води и професор. За останатите барања на ВМРО-ДПМНЕ во СДСМ велат дека сериозно се разгледуваат без да откријат детали за тоа што е прифатливо.

За да бидат донесени измените во Законот за јавно обвинтиелство ќе биде потребно двотретинско мнозинство во Собранието.