Онлајн училиште за ученици
Со почетокот на оваа училишна година во Босна и Херцеговина покрената е прва онлајн платформа за учење Osnovna.ba, која нуди поедноставен и поефикасен процес на учење за ученици од 5 до 9 одделение основно училиште. Osnovna.ba содржи лекции од шест наставни предмети, а во првите неколку дена испробани се на илјадници ученици во основните училишта.
Иса Зухриќ е ученик во седмо одделение во ОУ „Муса Ќазим Ќатиќ‟ во Сараево. Порано тој по наставата си играл игри, но сега се натпреварува во знаење со сите свои врсници во целата земја.
„Многу е позабавно да се работи вака, отколку да се учи од книги. Имаме онлајн натпревари, лекции, квизови. Имаме хинтови, т.е. помош додека одговараме на прашањата кои одземаат поени, но понекогаш добро доаѓаат. Навистина ми се допаѓа ова, ова е одлично‟.
Оваа онлајн платформа е наменета и за родителите. Един Зухриќ смета дека ова е одличен начин за неговото дете, кое и како повеќемината негови врсници, поминува подолго време пред компјутер, да го троши учејќи.
„Ако веќе седи на компјутер нека работи и некои корисни работи. А важно ми е бидејќи можеме да контролираме што учи, постои опција за контрола на резултатите од тестовите, можам да видам во што е лош преку тие тестови и тука да му помогнам. На крај на краиштата, се скратува нашето време за работа со нив‟.
Со помош на оваа платформа работата на децата можат да ја пратат и наставниците, објаснува Златко Мемишевиќ, еден од основачите на платформата:
„На училиштата им даваме комуникациска платформа, да можат да зборуваат со децата и со родителите. Професорите имаат увид во статистиката на секое дете во одделението. Училиштата можат да комуницираат со родителите, да праќаат оценки кои ги добиле децата и да пријавуваат било какви проблеми‟.
Лекциите и задачите ги креираат просветни работници, следејќи го наставниот план и програм на двата бх. Ентитети.
„Ние пронајдовме информации, ги обединивме во едно место, ги проширивме лекциите кои постоеја во дадениот план и програмата на Федерацијата БиХ и Република Српска, ги дополнивме со варијанти од англиски и американски учебници и се тоа го собравме во една нова лекција, лекција која до сега не е прикажана во ниту еден учебник, ги дополнивме со видео содржина и се тоа го обединивме во едно и го понудивме како една темелна работа, најдобро да научат на овој начин‟, вели Намит Халиловиќ, професор по хемија.
Честа пракса е во текот на редовната настава децата да не успеат да го совладаат материјалот, па родителите се принудени дополнително да им помагаат, вели Харис Мујезиновиќ кој порано работел како професор по математика во средно училиште. Денес е еден од професорите кои креираат содржини на онлајн платформата Osnovna.ba.
„Предноста на овој систем во однос на традиционалната настава е пред се тоа што лекциите се максимално илустрирани. Ние знаеме дека децата многу полесно и многу подобро го совладуваат материјалот кога нешто гледаат. Никој не сака само текст, сите сакаат конкретни примери, така максимално се потрудивме лекциите да ги направиме поинтересни и за нив поприфатливи.‟
Цените за пристап на платформата се симболични во одност на скапите приватни инструкции така што таа е достапна на сите кои сакаат да учат, вели Златко Мемишевиќ:
„Месечно математиката чини пет марки, босанскиот, српскиот и хрватскиот јазик е пет марки, физика и хемија се по три марки, а англиски и биологија се по две марки. Претплатата е со купување на греб картички, а тој кредит од 20,10 или 5 КМ важи неограничено и со него се купуваат предмети кои имаат свои индивидуални цени‟.
Иако идејата на Мемишевиќ за учење на онлајн платформа е покрената уште во далечната 2007, беа потребни уште неколку години таа да созрее и да ја оствари со своите соработници:
„Фокусот на оваа идеја го започнавме во септември 2014 година. На овој проект во различни фази работеа околу 50 луѓе, инжинери, програмери, психолози, професори... Имаме 15 вработени професори. Што се однесува до идејата, сметаме дека ова е единствен концепт, не во регионот, туку во светот. Вакви платформи дефинитивно има, едукативни, комуникациски платформи, но ова е унија на сето тоа и мислиме дека никој во светот се уште не се обидел да направи вакво нешто ‟.
Основачите планираат идејата да ја прошират и на регионалниот пазар. За резултатите се уште е прерано да се зборува, но ако успее во бх. комплицираниот образовен систем, првата пречка за успех на поширокиот пазар е совладана.
Ново на Сител
-
Мицкоски: ДУИ креира тензии
-
Запленети 4 тона марихуана
-
Бишев: Владата ги носи економските политики
-
Петрова: Даноците се собираат според планот
-
О2: Владата да забрани увоз на автомобили постари од 10 години
-
Јавниот линиски превоз во Штип, успешна приказна
-
Преглед на вестите од свет
-
Претрес во Судскиот совет