Македонија
9. December 2016 - 9:02

ОМД: Изборите клучни за идните генерации на Македонија

Обединетата Македонска Дијаспора, (ОМД), ги повикува сите граѓани на Република Македонија со право на глас, со живеалиште во и надвор од татковината, да излезат и да гласаат на изборите овој викенд на 10 и 11 декември, 2016 година.

ОМД, како што стои во соопштението, смета дека овие избори не се само клучни за демократското унапредување на Македонија, туку и за идните генерации на Македонија.

- Македонија е пред ćе на сите нас, и личните и партиските интереси треба да се ставаат настрана, во интерес на народот и особено младите како идни лидери на Македонија, наведуваат од ОМД.

Без разлика на резултатите од изборите, кои се надева ќе бидат фер и демократски според западните стандарди, ОМД порачува поголема посветеност на градење општество каде правото ќе надвладее и кое ќе се бори против криминал, корупција, злоуптотреба, поделба на народот, против федерализација на државата, говор на омраза, закани - атрибути кои се познати на изборите во последните 25 години. - Македонскиот народ и нашите претци заслужуваат таква посветеност, ништо помалку, истакнуваат од ОМД.

Посочуваат дека после овие две години во демократска стагнација, идната Влада ќе мора да се посвети на враќање на позитивната слика на Македонија во светот, како лидер во Балканот во сите полиња, идна членка на НАТО и ЕУ. Сметаат дека исклучително важно е членството во НАТО, со кое, стравот за можна федерализација на Македонија ќе згаснe.

Ги повикува граѓаните да излезат да гласаат за демократска, суверена, слободна, просперитетна и стабилна Македонија.