Свет
15. January 2017 - 20:04

Оланд: Планот „Две држави“ е единствен можен пат кон мир и стабилност меѓу Израел и Палестинците

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека единствениот можен пат кон мир и стабилност меѓу Израел и Палестинците е преку создавање две држави.

Од трибината на блискоисточната конференција во Париз тој ја повика меѓународната заедница да продолжи да инсистира на дијалог, пренесе ДПА.

- Секој треба да ги научи добро лекциите од историјата, рече Оланд, мислејќи на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп, кој в петокот ќе ја преземе функцијата.

- Со години се одвива процес кој треба да продолжи и да биде следен. Неопходно и легално е меѓународната заедница сериозно да размисли за најдобар начин за изнаоѓање на решение, базирано на две држави, додаде тој.

Францускиот претседател истакна дека целта на конференцијата во Париз не е да диктира параметри на дијалогот меѓу Израел и Палестинците и изрази мислење дека само директни преговори може да доведат до мир.

Оланд објасни дека учесниците на конференцијата си поставивиле за цел да понудат гаранции и да ги поттикнат двете страни во конфликтот да седнат на масата за преговори.