Бизнис
15. November 2019 - 11:26

ОКТА со раст на приходите од продажба во третиот квартал

Приходите од продажба на ОКТА во третиот квартал годинава достигнаа 20.294 милиони денари, што е повисоко во споредба со истиот период од минатата година (20.096 милиони денари), како резултат на повисоките меѓународни цени на горивото, соопшти денеска ОКТА.

Прилагодената заработката пред камати, даноци, амортизација и депрецијација (ЕБИТДА), која ја отсликува оперативната профитабилност на ОКТА, во третиот квартал годинава достигна 192 милиони денари, надминувајќи ги 122 милиони денари остварени во третиот квартал на 2018 година. Притоа главен двигател е одржливиот зголемен обем на продажба, како и оптимизацијата на структурата на трошоците.

На деветмесечно ниво, прилагодената ЕБИТДА, движејќи се со ист тренд, изнесува 350 милиони денари, споредено со 274 милиони денари за истиот период минатата година.

Добивката пред оданочување, во третиот квартал од 2019 година, достигна 149 милиони денари, наспроти загубата од 31 милион денари, забележана во третиот квартал од 2018 година. Следствено на тоа, добивката пред оданочување за деветте месеци од 2019 година изнесува 187 милиони денари, што е значително повисоко од еден милион денари достигнати во истиот период минатата година. Тоа, појаснуваат од компанијата, главно се должи на континуираниот раст на продажба на домашниот и странскиот пазар, дополнет со зајакнатата оперативна ефикасност, како и со позитивниот ефект од зголемените меѓународни цени на горивото.