Свет
28. August 2015 - 13:39

ОН: Околу 2.500 мигранти и бегалци годинава загинале во Средозменото Море

Од почетокот на годинава повеќе од 300.000 бегалци и мигранти ги довеле во опасност своите животи за да стигнат до Европа преку Средоземното Море.

На тој пат околу 2.500 лица загинале, соопшти денеска портпаролката на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), Мелиса Флеминг.

- Според оценките околу 2.500 бегалци и мигранти загинаа или се водат како исчезнати оваа година во Средозменото Море при обид да стигнат до европските земји. Оваа статистика на смртни случаи не ја вклучува вчерашната трагедија во близина на брегот на Либија, каде бројот на жртвите се уште не е потврден, истакна Флеминг.

Од јануари речиси 200.000 лица пристигнале во Грција, а 110.000 во Италија, во споредба со 219.000 мигранти минатата година.

Флеминг ги повика европските држави на заеднички напори за решавање на проблемот со бегалците.