Бизнис
19. February 2016 - 12:55

Околу 10 милиони евра за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово

Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани и косовскиот амбасадор во Македонија Илбер Хиса денеска потпишаа Меморандум за соработка.

- Со потпишувањето на Меморандумот се создадени и формални услови за почеток на имплеменатација на ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово, во рамки на вториот ИПА програмски период 2014-2020. ЕУ во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка обезбедува 8,4 милиони евра, рече Шабани. Додаде дека кофинасирање ќе има од двете министерства во вредност од околу 1,3 милиони евра или со оваа програма за следните седум години на располагање ќе има околу 10 милиони евра. 

Финансиските средства им се на располагање на општините, невладините организации, бизнис асоцијации и други субјекти од пограничните региони во двете држави. 

Новата програма вклучува пет подобни програмски региони. Од македонаска страна ќе можат да аплицираат Скопскиот, Североисточниот и Полошкиот плански регион. Проектите ќе се однесуваат на следниве приоритети-зголемување на конкурентноста, развој на бизнис, мали и средни претпријатија, трговија и инвестиции, поттикнување на туризмот и заштита на културното и природното наследство и заштита на животната средина, адаптација кон климатските промени и намалување, спречување и управување со ризици. 

Министерот Шабани додаде дека во рамки на Првата програма за прекугранична соработка со Косово во фаза на имплементација се шест проекти, во вредност од 2,4 милиони евра. 

- Во вториот програмски период на располагање се скоро петпати поголеми средства, истакна Шабани и изрази надеж дека максимално ќе ги искористат средствата од ЕУ, рече Шабани. 

Амбасадорот Хиса соопшти дека од Меморандумот придобивка ќе имаат граѓаните од двете страни на границата.

- Со ова ќе се означи уште една поинтезивна форма на соработка меѓу нашите две држави, рече Хиса.