Македонија
14. December 2016 - 16:25

ОЈО: Од домот на кумановскиот началник одземени предмети поврзани со тешки кривични дела

Полициските специјалци заминале во домот на началникот на СВР Куманово без налог за приведување, велат од јавното обвинителство, демантирајки ги информациите дека Величковиќ требало да биде приведен. Наредбата за претрес во домот на началникот ја издал судија на претходна постапка од одделението за организиран криминал и корупоција при скопскиот кривичен суд.

- Цел на претресот беше пронаоѓање траги на кривично дело или предмети важни за кривичната постапка и нивно одземање. Одземени се предмети што содржат податоци во писмена форма и предмети што содржат податоци во електронска форма, во врска со кривични дела – Злосторничко здружување од чл.394 и Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик, како и други кривични дела за кои се гони по службена должност, се вели во соопштението испратено од ОЈО.

Дека истражните органи синоќа одзеле дел од документацијата потврди и началникот.

Од обвинителството информираа дека синокешниот претрес бил дел од предистражна постапка во тек. Од МВР потврдија дека налогото е издаден од судија на претходна постапка на барање на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во рамки на предистражна постапка без информирање и планирање од МВР.

Министерството за внатрешни работи во испратеното соопштение укажува  дека сите вработени во овој државен орган, треба да го задржат нивото на максимално професионално постапување и однесување со цел да се избегнат  ситуации кои може да предизвикуваат дополнителни тензии и да наштетат на  на угледот на министерството.