Македонија
13. October 2016 - 14:44

Охридското Езеро порибено со нови 30.000 млади јагули

Охридското Езеро денеска беше порибено со нови 30.000 парчиња подмладок од јагула со големина од 35 до 40 грама од АД ЕЛЕМ. Порибување се вршеше на седум локации Радожда, Калишта, Струга, Сатеска, Андон Дуков, Охрид и во најдлабокиот дел езерото.

ЕЛЕМ, според директорот на ХЕЦ „Црн Дрим“ Тони Маркоски, ја продолжува традицијата со порибување на Охридското Езеро со подмладок од јагула, поради попречувањето на патот за природен мрест на јагулата со изградба на електраните.

- АД ЕЛЕМ ја продолжува традицијата на Електростопанство за порибување на Охридското Езеро со подмладок од јагула. Со изградбата на хидроцентралите и попречувањето на природниот пат за мрест на јагулата до Саргаско море и повторното враќање во Охридското Езеро презема обврска да дополнува со количество подмладок за да не се наруши рамнотжата на живиот свет, истакна Маркоски.

Подмладокот од јагула е увезен од Грација, а трето порибување, најави тој, ќе биде за краток период.

– За две до три недели добавувачот ќе ја донесе следната договрена тура, потоа најмалку 30 дена стои во карантин во мрестилиштето во Шум и откако ветеринарната инспекција ќе утврди дека рибата е здрава и од исправен вид од типот „ангулија ангулија“ во присуство на риболовен инспектор вршиме порибување на езерото, појасни Маркоски.

Концесионерот за заловување јагули во Струшкиот дел на Охридското Езеро Милорад Чавкоски, ја поздрави акцијата на ЕЛЕМ за порибување на езерото, посочувајќи дека поради прекинот од пет години намален е бројот на јагули.

- Охридското Езеро не беше порибено пет години, поради ЕУ регулативи за влез и излез на јагулата што се одрази врз фондот на јагулата. Ова е збогатување на рибниот фонд на Охридското Езеро и е корисно за нас, а од порибувањето што го правиме сега  бенефитот ќе го имаме за десетина години, рече Чавкоски.

Во јули Охридското Езеро беше порибено со 730 килограми подмладок јагула, денеска се порибува со околу 980 килограму, а за два месеци ќе бидат пуштени уште околу еден тон млади јагулу.