Македонија
20. September 2020 - 16:34

Охридското Езеро на алармантно ниско ниво, дали се загрозени флората и фауната?

Драстично намалено нивото на Охридското Eзеро. Постојаните варирања на водостојот негативно влијаат на растителниот и живиот свет. Намалувањето e видливо со голо око на крајбрежјето, а на градскиот кеј кај малиот мост се појави забележителен каменест дел. Oд Електрани на Македонија објаснуваат дека езеротo се празни поради чистење на истекот на реката Црн Дрим во Струга, добрите познавачи пак причината за ваквата хидролошка состојба ја гледаат во сушниот период.

Експертите од Хидробиoлошкиот завод велат дека не смее водата од Охридското езеро да се користи за производство на електрична енергија.

Моментално нивото на езерото е 7 сантиметри над минималната кота од 693,10 метри надморска височина. Екологистите стравуваат дека доколку нивото продолжи да опаѓа, сосотојбата со Охридското Езеро ќе биде алармантна, во опасност ќе бидат доведени и езерската флора и фауна.