Македонија
30. September 2019 - 11:28

Охрид дел од пилот-проект за следење на квалитетот на воздухот

Општина Охрид преку Одделението за заштита и влијание врз животната средина почна со поставување сензори на различни локации на јавни институции за следење на еколошки параметри, како и поставување/инсталирање на филтри за домаќинства кои користат цврст енергенс за затоплување на своите домови. На тој начин ќе се обезбедуваат податоци за состојбата со загадувување на воздухот во градот.

Инаку, активностите се спроведуваат во рамки на проектот „Интеррег“ за следење на квалитетот на воздухот во повеќе градови низ земјата, што се реализира преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

Самиот проект насловен „Аиртингс“ што ќе биде презентиран утре, предвидува користење нови технологии со интелигентни сензори за мерење на квалитетот на воздухот, со што во реално време ќе се обезбедуваат потребните податоци. Системот уште предвидува и предвидлива анализа и напредна можност за учење, што овозможува навремени активности на јавните органи, пред се носење правовремени одлуки за подобрување на квалитетот на воздухот во градот и околината.

Според извештајот на Европската агенција за животна средина објавен во 2018 година, во Македонија околу три илјади смртни случаи годишно се припишуваат на загадувањето со ситни честички (ПМ10 и ПМ2.5). Преку намалување на концентрациите на концентрациите на ПМ10 и ПМ2.5 честички до стандардот на ЕУ, се проценува дека би биле избегнати повеќе од 800 смртни случаи и илјадници загубени работни денови, а здравствените заштеди се проценуваат на 151 милион евра годишно.